Промовирана мобилна апликација против говорот на омраза

15.12.2014

Година : 2014

Фондацијата Метаморфозис ја промовираше првата мобилна апликација против говорот на омраза, чија намена е да ги донесе информациите од оваа област до врвовите на прстите на корисниците на мобилните телефони . Изработена е со цел поефикасно спротивставување говорот на омраза, овозможувајќи им на граѓаните брз и иновативен пристап до најновите вести од оваа област, како и пристап до образовните и стручните ресурси, меѓу кои е и библиотека со е-книги, интерактивни упатства за разните можности за пријавување на говорот на омраза, како и учество на настаните поврзани со борбата против говорот на омраза преку интегриран календар.

Апликацијата, која e прва апликација од тој вид за паметни мобилни телефони во светот, е достапна за бесплатно преземање за корисниците на најпопуларните оперативни системи Андроид и иОС (iOS, односно корисниците на Ајфон и Ајпад) преку линкот nemrazi.mk/app.

Апликацијата беше промовирана на 11.12.2014 година во рамки на меѓународната конференција „е-Општество.мк“, чија тема беа човековите права во дигиталниот свет: слободата на изразување, борба против говорот на омраза и заштита на приватноста.

Апликацијата изработена благодарение на несебичната поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на Република Франција во Македонија, и претставува дел од напорите за ширење знаења и поттикнување активно граѓанско учество за решавање на горливите општествени проблеми на Метаморфозис, во рамките на широката иницијатива против говорот на омраза. Овие напори се во содејство со Националната кампања против говорот на омраза, која пак е дел од Меѓународното движење против говорот на омраза покренато од Советот на Европа (No Hate Speech Movement).