Антикорупциски реформи: ДКСK и граѓанските организации, ретки светла во тунелот

Работењето на новиот состав на Антикорупциската комисија, посветеноста на неколку организации од граѓанскиот сектор и перспективите од новиот Закон за јавно обвинителство, се единствените светли точки во реформските постигнувања на Северна Македонија во полето на антикорупцијата и борбата со оганизираниот криминал во текот на 2019 и почетокот на 2020 година.

Ова е главниот наод на истражувањето што во рамките на регионален проект за добро владеење го направи Фондацијата Метаморфозис во текот на април 2020 година.

Огромниот број предмети со кои се соочува Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и соработката со граѓанскиот сектор, покажува дека сега таа е столбот во општеството, особено за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Но и покрај позитивните резултати, веројатно добиени и поради исклучително транспарентниот и иновативен начин на кои беа избрани членовите на комисијата во Собранието, недостасуваат многу други елементи за нејзина уште поуспешна работа.

Собранието на РСМ не смогна сили да ја усвои првата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси 2020-2024 г. што беше изработена од страна на ДКСК, иако таа е клучен стратешки документ кој заедно со акцискиот план за имплементација ги дава јасните насоки и поделба на одговорноста на сите институции и други субјекти одговорни за сузбивање на корупцијата. Покрај тоа, ДКСК се уште нема доволна поддршка во финансиски средства од државата за да ги пополни 30-ната слободни работни места неопходни да се засили нејзиниот административен капацитет, а унапредувањето на ИКТ поврзувањето со институциите се уште бавно се одвива.

На другите органи и институции надлежни за борба против корупцијата им остануваат исполнувањата на препораките од Четвртиот круг на евалуација од страна на ГРЕКО (Група на земји во Европа за борба против корупцијата), иако веќе се очекуваат до октомври 2020 и исполнување на препораките на Петиот круг, кој се однесува на извршната власт, на полицијата и на јавното обвинителство.

Забелешките се големи кај високите ешалони на извршната власт, особено во делот на правилата за вработување на лица ангажирани врз основа на дискреционото право на функционерите за советници или помошници, како и во делот на имплементација на постоечкиот Етички кодекс. Големи забелешки и препораки се испорачани и за полицијата, од која се бара деполитизација на системот на командна структура, транспарентност при трошењето на буџетот и многу поефикасна и внатрешна и надворешна контрола. Забелешки и препораки се дадени и за Јавното обвинителство, особено за Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција, при што е оценето дека системот на кривична правда во земјата слабо функционира, иако тоа се поврзува и со работењето на судовите.

Истражувањето што е пред вас, е изготвено согласно достапните податоци до крајот на април 2020 година. Тоа е спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.