Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

09.12.2021

Во фокусот

Фото: Бојан Блажевски

Кумановските села Табановце, Лојане и Ваксинце со децении наназад се трујат со арсен и други опасни материи што се расфрлани на две локации покрај самата граница со Србија.

На првата локација, во непосредна близина на железничката станица во Табановце, сместена е дивата депонија која содржини стотици тони јаловина од затворениот рудник за хром, антимон и арсен „Лојане“, којшто престанал да работи во далечната 1979 година.

Во Табановце, во непосредна близина на кампот за бегалци, куќите на жителите, но и локацијата на која што во иднина ќе се гради заедничкиот железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија, се наоѓа депонијата на која се лоцирани овие опасни материи.

Екипата на Мета.мк и Порталб.мк се упати на лице место во Табановце и забележа колку е опасна самата локација. Просторот на којшто е расфрлан арсенот и другите опасни материи воопшто не е ограден, а нема ниту било какво предупредување за локалните жители и странците дека подолг престој на локацијата може да е опасен за човековото здравје.

На локацијата во Табановце некогаш се наоѓала топилницата за руда, која што денеска целосно е разрушена. На лице место може да се забележат амбалажи на шишиња, облека и остатоци од храна, коишто укажуваат дека во минатото на оваа локација се криеле луѓе, најверојатно мигранти кои планирале да ја преминат границата со Србија.

Се доближивме до опасните материи за да ги снимиме како се расфрлени, но штом се доближивме до локацијата се почувствува остриот мирис на металите и други соединенија кои се расфрлани таму. Веќе по 15 минути обиколка на теренот, се појавува остра главоболка од самото присуство на теренот, иако носевме заштитни маски.

Веднаш до депонијата во Табановце, локалните жители садат земјоделски култури. Во близина на самата депонија тече и река, а мирисот на арсенот можат да го почувствуваат и патниците на блиската железничка станица, како и бегалците сместени во кампот во близина.

Од Табановце се упативме во селото Лојане, во чија близина се наоѓа некогашнот рудник за хром, антимон и арсен. Напуштените објекти од рудникот „Лојане“ се идеална локација за снимање на хорор филм. Од соголениот рудник без врати и прозорци се надѕираат остатоци од храна, облека и пијалаци, кои укажуваат дека и на оваа локација имало лица кои престојувале неодамна.

Напуштениот рудник „Лојане“; Фото: Бојан Блажевски

На јаловиштето во Лојане се лоцирани 15.000 тони арсен сулфид, кои до денешен ден се расфрлени веднаш до зградата на самиот рудник. Над рудникот забележавме овци и крави како локалното население ги пасе во околината, чија што почва, воздух, вода и растенија се контаминирани од опасните метали.

Од разрушената зграда на рудникот се слуша звукот на училишното ѕвонче на основното училиште „Рилиндја“. Учениците си заминуваат дома кон селото Лојане. Тие секојдневно се изложени на опасноста од расфрланиот арсен и други соединенија во јаловиштето, бидејќи училишниот објект се наоѓа на околу 100 метри воздушна линија од критичната точка.

Основното училиште се наоѓа на 100-тина метри од јаловиштето со арсен; Фото: Бојан Блажевски

Идентично како и во Табановце, во рудникот во Лојане влеговме без никаков проблем, бидејќи просторот не е ограден, ниту пак има некаков знак, макар и околу самото јаловиште, дека мирисање, играње или конзумирање и на најмали количини од материите, може да предизвика сериозна болест или смрт и за децата и за возрасните лица.

Багерот во кругот на рудникот, единствениот доказ дека треба да има некаква активност на локацијата; Фото: Бојан Блажевски

Во кругот на рудникот „Лојане“ единствено пронајдовме еден багер, во чија што близина немаше никого за да прашаме дали можеби се наоѓа таму за да отпочне чистењето на теренот.

Институциите си ја префрлаат топката

Дека треба да се исчисти јаловиштето и опасната депонија од арсенот и другите метали им е јасно и на жителите, и на општинските власти, но и на државата.

Од Министерството за економија за Мета.мк велат дека уште во август 2014 година е склучен договор меѓу Владата на РСМ и концесионерот „КАЛТУН МАДЕНЏИЛИК“ ДОО од Скопје, со којшто е предвидена експлоатација на техногената минерална суровина на локалитетот „Лојане“. Овој субјект има склучено и договор за концесија на предметниот локалитетот, додека на 6 февруари 2018 година му е издадена и дозвола за експлоатација на опасните материи што се наоѓаат во Лојане.

„Согласно Законот за минерални суровини, кон Барањето за издавање на дозвола за експлоатација, концесионерот има приложено Решение за одобрување на Елаборатот за заштита на животната средина, издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање, Управа за животна средина бр. 11-2714/3 од 27.06.2016 година“, информираат од Министерството за економија.

Од ова министерство не добивме конкретен одговор зошто досега не се дислоцирани опасните материи од локацијата во Лојане, но оттаму информираат дека договорот за концесија со компанијата е со важност до 25.8.2024 година.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Порталб.мк велат дека во земјава не постои депонија за опасен отпад, на која што може да се дислоцира јаловината и рудата од постојните локации во Табановце и Лојане.

„Согласно член 54 од Закон за минерални суровини по издавањето на дозволата за експлоатација, концесионерот е должен да отпочне со експлоатација на минералната суровина во рок од две години за техногени минерални суровини“, велат накратко од Министерството за животна средина и просторно планирање, упатувајќи за повеќе детали кон Министерството за економија.

Дали и колку досега концесионерот успеал во сиве изминати години да отстрани од опасните материи од терен во моментов не би навлегувале, но од ситуацијата на терен што ја увидовме, очигледно е дека постојат огромни количества на арсен и други материи коишто се расфрлани и во Лојане и во Табановце.

Во однос на опасностите од загадување на водата, почвата, воздухот и целокупната храна што се произведува во овој дел од Кумановскиот регион, Мета.мк побара одговори од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

И оние растенија што може да се забележат се целосно контаминирани; Фото: Бојан Блажевски

Од Инспекторатот велат дека направиле инспекциски надзор и кај рудникот „Лојане“ и кај депонијата во Табановце во текот на септември годинава, а претходно вакви надзори се правени периодично и на двете локации, на кои и од ДИЖС велат дека нема чуварска служба.

Инспекциските надзори биле направени на 12 и 14 септември на двете локации. Заклучокот од Државниот инспекторат за животна средина е дека отпадната јаловина содржи висока концентрација на арсен и претставува голема опасност за здравјето на луѓето и животната средина. По инспекцискиот надзор, ДИЖС испратил допис до Министерството за животна средина за отпочнување активности за расчистување на отпадната јаловина во Табановце.

Она што се може да се најде на локацијата во кругот на рудникот „Лојане“ може да се прочита во Физибилити студијата за рудникот „Лојане“, која е изработена во 2007 година. Во неа се дефинирани изворот на контаминација, спецификација и квантификација на загадувачи, определување на загадени зони и ризикот предизвикан од контаминација.

Се предлагаат технологии за затворање, чистење и ремедијација, за идно користење на земјиштето, вклучувајќи ги и потребните средства за ремедијација… но на терен единствено во периодот 2008-2010 година се реализирал проектот „Одржлива ремедијација и управување со загадувањето во Бучим и Лојане“. Во делот за Лојане, во рамките на проектот се извршила рекултивација на дел од старото јаловиште близу основното училиште во селото Лојане, поради итната потреба за намалување на опасноста врз здравјето на децата.

Од Општина Липково, на чија територија се наоѓа селото Лојане, за Порталб.мк информираат дека тие се рурална општина и поради малиот финансиски капацитет немаат можност целосно да го исчистат арсенот и другите руди.

„Имаше различни иницијативи од страна на Министерството за економија за отворање на рудникот, но очигледно поради високата цена тие беа откажани“, вели за Порталб.мк градоначалникот на Липково, Еркан Арифи.

За да им го олесни животот на населението од селото Лојане, Општина Липково го гради општинскиот водовод, при што главната цевка од браната Глажња, село Липково до село Лојане веќе е поставена, а исто така е поставена и главната цевка од село Слупчане до село Опае и од село Липково до село Никуштак. Започната е и изградбата на секундарната водоводна мрежа во липковските села, а крајната цел е да им се овозможи на жителите од селото Лојане да добијат вода за пиење која што не е контаминирана со арсен и други отрови.

„Порано имаше еден проект со странски здруженија за чистење на арсенот и други руди во општината, но за жал не успеа целосно да се исчисти бидејќи проектот чинеше многу. Тогаш преку Министерството за екологија се покриваше чистењето арсен и другите руди и се садеа дрвја“, објаснува градоначалникот Арифи.

Тој додава дека Општина Липково има контакти со централната власт и разговараат за овој проблем, додека тие како локални власти се целосно отворени за соработка, како со државните власти и концесионерот, така и со еколошки здруженија од земјава и од странство.

Жителите чекаат исполнување на ветувањата

Екипата на Мета.мк и Порталб.мк разговараше и со жители од селото Лојане. Еден од жителите го сретнавме во непосредна близина на самиот рудник, самиот вршејќи земјоделски активности.

Тој ни рече дека арсен најмногу има во селата Лојане и Ваксинце, а жителите имаат проблем и со водата за пиење. Повеќето од куќите и понатаму користат вода од бунари, но ваквата вода е многу штетна, бидејќи целокупното место е контаминирано со арсен и други метали.

„Што се однесува до садење, садиме, но нема да можеме да добиеме бериќет како што треба, нема, бидејќи 100 хектари од овде до Табановце се уништени од арсен, земјата е уништена, ништо не успева. Многу штетно за родот. Тие (н.з. властите) 20-30 години ветуваат, но ништо не прават. Те ќе отвориме денес, те ќе отвориме утре, но ништо не се прави, само зборови“, вели нашиот соговорник, којшто побара да остане анонимен.

На средсело во Лојане го сретнавме Азир Азири, којшто беше расположен да говори за акутниот проблем што го имаат жителите од овој регион.

Тој вели дека со вода порано се снабдувале од селската река, но тогаш три лица биле отруени од арсен. Самата вода мириса на арсен.

„Веста ја пренесов во селото, им кажав на луѓето да не ја користат водата од реката и околу реката. Како што ме известија луѓето овде, има еден дел каде што не се користи бидејќи е отруена со арсен, и низ историјата сум слушнал од постарите за смртни случаи на жителите од рак во раните години од животот поради водата“, вели Азир Азири.

Тој ни ги раскажа маките на локалните жители, кои за копање на бунар за вода за пиење плаќале и по 4.000-5.000 евра, а во длабочина копале и до 80 метри за да пронајдат вода за пиење.

Расфрланиот арсен во рудникот „Лојане“; Фото: Бојан Блажевски

Жителите од Лојане се револтирани и разочарани од институциите, од кои бараат да се нафатат на разрешување на животозагрозувачкиот проблем.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека изминатава година пристапиле кон измени на Законот за животна средина, со цел да се овозможи формална идентификација на контаминираните подрачја во земјава. Притоа, ќе се воведат нови одредби со кои ќе се уреди управувањето со контаминирано подрачје, односно се оформува правен основ за донесување на методологија за идентификување на одредено подрачје за контаминирано.

Овој закон е во фаза на усвојување во Собранието на РСМ, по што Владата ќе може да прогласи одредено подрачје за контаминирано и да усвои План за управување со контаминирано подрачје. Откога ќе помине целата оваа постапка, во самиот План би била вклучена и ремедијацијата на теренот, со која што барем би се ублажил проблемот со загадување на околината.

За ремедијација на теренот, во 2007 година со физибилити студијата се утврдило дека ќе бидат потребни околу 3,4 милиони долари. Од тогаш до денес, рудата преку ветерот се шири, водата се пие, земјоделски култури се садат и се јадат, а контрола над сето ова се врши, но не се реагира.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека физибилити студијата ќе треба да се ревидира, а веќе е извесно дека само за ремедијација на теренот ќе бидат потребни далеку повеќе финансиски средства од она што било утврдено во 2007 година. Притоа, во овие средства нема да бидат вклучени и финансиите што се неопходни за дислокација на опасните материи од Табановце и Лојане.

И додека институциите велат дека бил потребен интегриран пристап и вклучување на повеќе институции за решавање на проблемот, жителите од Лојане и Табановце порачуваат дека им е преку глава од ветувања. Тие бараат час поскоро да се премине на конкретна реализација на активности, со коишто ќе може најпрво да се прекине тивката смрт на жителите од околните села.

 

Автори: Бојан Блажевски, Теута Буци

Сподели:

mediumski-item-img-1.png

ОТВОРЕН ПОВИК за изразување на интерес за членување на претставници од заинтересирани граѓански организации во Советот за координација и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година

Отворениот повик треба да овозможи пријавување на 8 (осум) претставници од заинтересирани граѓански организации кои ги споделуваат вредностите на Партнерството за отворена власт и се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на властите и ги применуваат тие принципи во своето работење, за нивно учество во Советот за координација и следење на Националниот акциски план […]

mediumski-item-img-1.png

Оглас за вработување на раководител/ка на проект

Основни информации Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ преку својата програма „Медиуми за демократија“ препознава дека едно информирано општество е суштествено за обезбедување одговорност како на јавниот, така и на приватниот сектор. Активностите кои што „Метаморфозис“ ги реализира во рамките на оваа програма имаат цел да креираат средина во која слободните и професионални медиуми имаат […]

mediumski-item-img-1.png

Индекс на отвореност: Во тек е осмиот бран на мерењe на отвореноста на извршната и законодавната власт

Мрежата ACTION SEE – Мрежа за Одговорност, Технологија и Институционална Отвореност во Југоисточна Европа со поддршка на Национален фонд за демократија преку проектот Using New Media to Promote Government Transparency, го започна осмиот бран на мерења на отвореноста на извршната и законодавната власт во четири земји од регионот (Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и […]