Советот на министри за телекомуникации на ЕУ ќе се состане во Луксембург на 11 јуни, 2009 г., со цел да дискутира за клучни прашања во врска со европското информатичко општество.
Министрите за телекомуникации на ЕУ ќе разменуваат мислења околу иднината на европската политика за безбедност на мрежи и информации, а Комисијата ќе ги презентира своите планови за иднината на интернетот во Европа. Претседателството исто така ќе обезбеди повратна информација од конференцијата на министри околу тоа како интернетот да се направи побезбедно место за децата. Што е најважно, се очекува неформална дискусија меѓу министрите околу идната стратегија за усвојување на „пакетот реформи“ за европските телекомуникациски компании. Европската комисија пред Советот ќе ја застапува Вивиен Рединг, Комесарот за телекомуникации на ЕУ.
„Ова е важна недела за европските телекомуникациски компании и нивните 500 милиони корисници“, изјави Рединг. „На индустријата и треба правна сигурност за да инвестира, како и полесен пристап до радио спектарот за безжични услуги, особено во овие тешки економски времиња. На корисниците им треба ефективна конкуренција кај телекомуникациските оператори, конекција до брз широкопојасен (бродбенд) интернет каде и да се и каде и да одат, како и подобра заштита на нивната приватност на интернет. Сите овие реформи може да се случат уште годинава. Европскиот парламент и Советот на Европа веќе се сложија за 99% од текстот за пакетот реформи за телекомите и тој е подготвен да стапи во сила. Затоа ги повикувам сите политички играчи да сторат сè што е во нивна моќ во наредните денови и недели за да се реши и последното отворено прашање. Критичарите често се жалат на недостигот од конкурентност во Европа, поради наводно долгото траење на процесите на донесување одлуки на ЕУ. Во наредните неколку денови и недели, Советот и Парламентот имаат шанса да докажат дека критичарите не се во право“.
Во пакетот реформи за телекомуникациските компании спаѓаат реформите на 6 различни Директиви на ЕУ (Рамковна Директива, Директива за пристап, Директива за овластување, Директива за универзална услуга, Директива за е-приватност и сродната GSM директива) како и новата Регулатива со која се формира Агенцијата на европски телекомуникациски компании со назив “BEREC”.
На 6 мај, сите 7 делови од „пакетот“ беа одобрени од големо мнозинство во Европскиот парламент, по второто читање. Голема поддршка беше дадена особено на новите Директиви за е-приватност и универзална услуга, воспоставувањето на новата Агенција на европски телекомуникациски компании, како и Директивата за GSM.
Сепак, европскиот парламент исто така одлучи, со гласањето на пленарната седница, да додаде една измена и дополнување на реформата на Рамковната директива – измена со која се бара од регулаторите на националните телекоми да ги почитуваат фундаменталните права. Парламентот и Советот се уште не постигнале спогодба за оваа измена и дополнување, а тоа може да значи продолжување на преговорите.
Министрите ќе имаат неформални дискусии за стратешкото прашање – како понатаму да се продолжи со „пакетот“. Додека некои делови од реформата се од суштинско значење за телекомуникациската индустрија (како што е реформата на Директивата за GSM, која се очекува да доведе до заштеда на трошоци од околу 1.6 милијарди евра преку поефикасен менаџмент на радиоспектарот), другите делови вклучуваат и важни нови права на потрошувачи (како што е реформата на Директивата за универзална услуга, според која потрошувачите ќе може да извршат промена на фиксниот или мобилниот оператор за еден работен ден).
Извор: Europe’s Information Society “Telecoms Council, Luxembourg, 11 June 2009” 11 јуни, 2009.



