Измамнички телефонски компании од разни делови на светот краделе телефонски импулси преку Интернет и притоа оштетиле и многу македонски претплатници, тврди македонскиот телеком

        Измамнички телефонски компании од разни делови на светот краделе телефонски импулси преку Интернет и притоа оштетиле и многу македонски претплатници, тврди македонскиот телеком.

        Многу македонски граѓани деновиве добиле телефонски сметки двојно поголеми од вообичаените поради меѓународни разговори што воопшто не ги извршиле. Од телекомот велат дека преку компјутерски програми овие фирми го поврзувале компјутерот на корисникот со некој странски телефонски оператор, при што се отчукувале меѓународни телефонски импулси. Компанијата им ги враќала парите на корисниците од првиот месец кога ќе им се случело тоа, но им давала и совети за заштита, па ако се повтори случајот, претплатникот е должен да си ја плати сметката.

        – За Интернет имам потрошено само 400 денари. Но, во телефонската сметка што ми стигна за март имаше наведено и еден меѓународен разговор за осмата зона, кој чинеше околу 200 денари, како и еден за третата зона, за кој треба да одвојам 1.100 денари. Овие меѓународни разговори, кои не сум ги правела, изнесуваат повеќе отколку остатокот од сметката, односно локалниот, националниот, мобилниот и интернетскиот сообраќај. Не познавам никого во странство, особено не од земјите од осмата зона, па навистина се изненадив кога ја добив сметката. Поднесов приговор, па се надевам дека ќе ми ги одбијат тие пари – вели В. Т. од Скопје.

        Од „Македонски телекомуникации“ велат дека ваквите кражби на импулси биле зачестена појава. Најчесто се случувале кога корисниците сурфувале по некои поспецифични страници, со реклами или со порносодржина. Додека отвора некоја страница, компјутерот на корисникот се поврзува со некој странски оператор и почнува да отчукува меѓународни импулси. Во ваквите случаи корисниците треба да поднесат приговори до компанијата.

        – По поднесувањето приговор, ако се утврди дека меѓународните телефонски импулси се направени преку Интернет, „Македонски телекомуникации“ му ги враќа парите на корисникот во првиот месец. Компанијата, потоа, на сопствена штета плаќа за овие разговори на странските оператори, бидејќи имаме склучено договори со нив. Притоа на претплатниците им даваме едукативен материјал за тоа како да се заштитат од оваа појава, како и понуда да користат АДСЛ, каде што ваквиот вид злоупотреба не е можна – рече Валентина Неткова, портпаролка на телекомот.