Европскиот Контролор за заштита на податоци предупреди дека со компонентата СтритВју од услугата Гугл Мапи би можело да се прекршат законите на ЕУ за заштита на податоците доколку се прикажат сликите од европските градови.
Услугата СтритВју им овозможува на корисниците на ГуглМепс да видат неколку фотографии кои прикажуваат поглед од 360 степени на градските улици и раскрсници од улична перспектива. Но, во овие слики се вклучени и пешаците и сите други што ќе се најдат на тоа место. Услугата во моментот е достапна само за некои градови во САД, но Гугл започна активности за добивање слики и од некои европски градови. Цел возен парк од комбиња со камери беше забележан во Лондон, Рим и Париз.
Питер Хастинкс, Контролорот на ЕУ за заштита на податоците, за време на презентацијата на неговиот годишен извештај за заштита на податоците изјави:
„Би ги советувал луѓето од Гугл да размислат како ќе го изведат ова. Фотографирањето на улиците во многу случаи не претставува проблем, но фотографирањето на секое место сигурно ќе создаде проблеми. Сигурен сум дека се свесни за тоа.“
Гугл не соопшти кога компонентата СтритВју ќе биде достапна и за разгледување на европските градови, но услугата се очекува да биде промовирана наредната година.
Хастинкс ја предупреди компанијата дека „Работењето во согласност со Европскиот Закон за заштита на податоците ќе биде дел од нивниот успех или неуспех во бизнисот. Доколку го игнорираат, тоа веројатно ќе доведе до судски постапки, и мислам дека ќе добијат силен удар.“
Но, од Гугл веќе ја земаат предвид загриженоста за приватноста и соопштија дека развиле нова технологија за заматување на лицата на граѓаните која во иднина ќе се усовршувала. Во напис од еден блог за тимовите на Гугл Земја и Мапи, тие ја презентираа новата промена:
„Ќе ја искористиме оваа можност за да ја тестираме и нашата нова технологија за заматување на лицата на луѓето кои се движат по прометните улици на Менхетн. Потребна беше една година за СтритВју кој беше тежок предизвик за нас бидејќи требаше да се унапреди најсовременото автоматско препознавање на лица, и продолжуваме да работиме напорно за да го подобриме додека го промовираме за нашата постоечка и идна технологија на фотографирање.
Од Гугл исто така соопштија дека ќе бришат слики од СтритВју доколку некој се пожали и тие сметаат дека овие две постапки би требало да бидат одговор на некои од проблемите во однос на приватноста кои веќе беа нагласени.
Street View revisits Manhattan (12.05.2008)
Google blurs the privacy issue (13.05.2008)
Google map service could face EU lawsuits (16.05.2008)
Извор: ЕДРи-грам: "Google StreetView might breach EU laws" Број 6.10, 21 мај, 2008 г.



