Поразно е што студенти со просечна оценка над девет не знаат сами да напишат или да испратат преку интернет апликација за работа, изјави вчера Славе Младеновски од фондацијата е-Македонија.
Резултатите од проектот „Информатичко-комуникациски исчекор кон светските стандарди“, што го спроведоа е-Македонија и Фондацијата за развој на информатичко-комуникациските технологии, покажуваат дека голем број граѓани во Македонија немаат персонален компјутер.
Проектот укажува и дека можностите за искористување на информатичката технологија во земјава не се доволно презентирани, јави МИА.
Преку овој проект 50 студенти и дипломци посетија 105 часа на кои беа запознати со основите на канцелариското работење, кои треба да им го олеснат почетокот на идниот работен ангажман.
– Деведесет отсто од првите месеци на новите работни места нововработените ги поминуваат во запознавање со канцелариската работа. Така не се искористува нивниот капацитет, а компаниите имаат загуба – рече Јордан Ангеловски, претставник на Фондацијата за развој на информатичко-комуникациските технологии.
Тој и Младеновски ја прифаќаат идејата на Владата за отворање посебно министерство за информатичка технологија. Според нив, приватните ИТ-компании сами треба да формираат фонд преку кој ќе собираат средства за развој на оваа гранка, што подразбира и едукација на населението.
Извор: Дневник (3.10.2006)