Една студиска група во германскиот парламент советува да се извршат промени на законите за државниот буџет, со цел да се дозволи да се објави како слободен софтверот напишан од или за јавните администрации. Во моментов, законот за буџет на Германија не дозволува јавните администрации да даваат ИКТ-решенија бесплатно.

Во извештајот објавен во понеделникот, парламентарната група за „Интероперабилност, стандарди и слободен софтвер“ предлага шест мерки за зголемување на примената на слободен софтвер од страна на државните органи. Во предлозите спаѓа обновувањето на средствата за тековно непостојниот центар надлежен за слободен софтвер. Со тоа би можеле да се поддржат јавните администрации кои сакаат да мигрираат од комерцијален кон слободен софтвер. За таквите миграции е потребна флексибилност и способност за справување со големи предизвици кои треба да се следат постојано, објаснува групата.

Групата ги повика сите јавни администрации да создаваат нов софтвер „кој би бил колку што е можно понезависен од платформите”.

Отворени стандарди

Групата со која претседава членот на Слободната демократска партија Џими Шулц, исто така сака владата активно да ја поттикне употребата на отворени стандарди. Со ова ќе се олесни пристапот на граѓаните и компаниите до владата, а ќе се поттикне и развојот на софтвер.

Извештајот е резултат на серијата состаноци што се одржаа од јуни до декември, на кои учествуваа експерти за интероперабилност, стандарди и слободен софтвер. Претставници на германскиот град Минхен информираа за успешната миграција кон ИТ-околина целосно базирана на слободен софтвер.

Извештајот сега ќе се достави до германскиот парламент и допрва треба да се усвои на пленарна седница на Бундестагот пред да стане официјален документ.

Извор: Joinup.eu „German parliament study recommends to change law to boost open source“ 16 јануари, 2013.