Слободниот софтвер на училиштата може да им обезбеди висококвалитетни и евтини IT-решенија кои функционираат одлично, покажа една студија на случаи што ја спроведе VTT, финскиот владин истражувачки институт.

Истражувачите ја анализираа употребата на Линукс и други апликации базирани на слободен софтвер од страна на средното училиште Касавурен во Кауниаинен, општина во близина на Хелсинки.

Студијата на случаи достапна од мај 2011 година го поддржува апелот до училиштата за зголемување на употребата на слободниот софтвер. Апелот беше објавен минатата недела од страна на финскиот ресурсен центар за слободен софтвер (COSS). Според Центарот, овој тип софтвер на учениците и наставниците им обезбедува значајни алатки кои го збогатуваат учењето и создаваат нови можности за учење. „Учениците и наставниците треба да имаат можност да го користат софтверот и алатките на најдобриот можен начин. Не е добро апликациите и околините за учење на студентите да бидат предодредени од страна на меѓународен софтверски монопол“.

COSS укажува на успешното воведување на слободен софтвер во училиштето Касавурен. Училиштето, со околу 330 ученици и 40 наставници, користи Линукс и друг слободен софтвер секаде, на десктоп-компјутерите, на лаптопите, како и за работа на терминалите, уште од 2007 година.

Неуспешни набавки

Училиштето одлучи да се префрли на слободен софтвер кога утврди дека традиционалниот начин на набавување IT-решенија води до употреба на неслободни системи кои не ги задоволуваат потребите на училиштето. Од училиштето заклучија дека новите IT-решенија треба да дозволуваат вршење промени и да нудат флексибилност. COSS пишува дека префрлувањето на училиштето кон слободен софтвер значително ги намалило трошоците за IT и системот станал значително поподготвен. Заштедите се користат за развој на нови алатки и услуги за учениците и наставниците.

Во училиштето има создадено еден сосема нов модел во кој спаѓаат даватели на IT-услуги и истражувачи. Моделот наречен Училиште од соништата, ги опишува пристапите и услугите развиени паралелно со потребите на корисниците во нивниот центар. Има за цел да го подобри секојдневниот живот во училиштето и употребата на слободен софтвер го направи „дел од педагошкото севкупно планирање, учење и настава“.

Извор: Joinup „Study: open source provides schools with low-cost, high quality software“ 23 октомври, 2012.