Секој што го користи сервисот за споделување датотеки BitTorrent за да преземе најнов филм или музичко издание веројатно е следен, укажуваат истражувачите од Обединетото Кралство.

Студијата на Универзитетот во Бирмингем укажува дека нелегалниот споделувач на датотеки кој презема популарни содржини се евидентира од фирма за надзор во рок од три часа. Од тимот соопштија дека биле „изненадени“ од степенот на следење.

Сопствениците на авторските права може да ги користат податоците против нелегалните преземања.

Тригодишното истражување го спроведе тим од информатичари кој разви софтвер што дејствуваше како клиентот BitTorrent за споделување датотеки и ги евидентираше сите врски воспоставени со него. BitTorrent е метод за добивање датотеки со нивно преземање од повеќе корисници истовремено.

Записите открија дека со следењето не се правело разлика меѓу оние што нелегално преземаат голем број датотеки преку интернет и оние кои тукушто почнале. „Не мора да преземате масовно, доволно е да преземете еден филм и ќе бидете евидентирани“, вели д-р Том Чотија, кој го водеше истражувањето.

Според него „ако содржината била во најпопуларните 100 содржини, се почнувало со нејзино следење во рок од неколку часа“. „Некој ќе забележи и ќе биде евидентирано“. Помалку популарните содржини исто така се следеа иако поретко, покажа студијата.

Некои фирми за кои се тврдеше дека наводно вршеле масовно следење беа обвинети дека ги продаваат податоците на сопствениците на авторски права за рекламни цели“. „Податоците покажуваат која содржина е популарна и каде“, вели д-р Чотија.

Извор: BBC News „BitTorrent study finds most file-sharers are monitored“