Mininova – холандскиот веб-сајт за споделување датотеки ги отстрани сите торенти со кои на корисниците им се овозможуваше да симнуваат материјали заштитени со авторски права.
Овој потег уследи по пресудата на Окружниот суд во Холандија од пред три месеци со која на компанијата и се наложи да ги отстрани линковите до нелегални содржини.
Според судот, политиката на Mininova за известување и отстранување на содржини била недоволна за сајтот да продолжи да функционира во рамки на законот.
Ова е најновата вест во тековната акција што се спроведува против веб-сајтовите за споделување на датотеки.
Иако Mininova не прекина целосно со работењето, сепак ги отстрани сите торенти со кои на корисниците им се овозможуваше да симнуваат материјали заштитени со авторски права, и наместо тоа ќе хостира ограничена услуга за „промовирани содржини“, преку која се нудат легално лиценцирани датотеки.
Тим Куик – директорот на холандската анти-пиратска група Brein, изјави: „Нè радува фактот што Mininova сега користи BitTorrent технологија за легален бизнис.
„Ние не сме против технологијата, туку само против употребата на таа технологија во нелегални цели“.
Во блог написот, персоналот на Mininova вели дека судската пресуда „не остава друга можност освен да се исклучи нашата платформа, и единствено да остане услугата за дистрибуција на содржини“.
Но, тие додадоа дека сè уште размислуваат за жалба против судскиот налог.
Иако ставањето крај на нелегалното споделување на датотеки од страна на Mininova ќе биде мал чекор напред за претставниците на музичката и филмска индустрија – кои со години водат кампања против нелегалното споделување на датотеки – двата најголеми сајтови за торенти во светот, isoHunt и The Pirate Bay, продолжуваат да функционираат.
Минатиот месец, друг холандски суд му нареди на The Pirate Bay да ги отстрани сите линкови до материјалите на групата од холандски музичари и филмски уметници.
Постапката, започната од страна на Stichting Brein, се водеше против поранешниот портпарол на The Pirate Bay – Питер Сунд, и основачите Фредрик Наџ и Готфрид Свартхолмен.
Меѓутоа, основачите ја оспорија пресудата велејќи дека го продале The Pirate Bay и повеќе немаат контрола врз неговите содржини. Сегашен сопственик на The Pirate Bay е компанијата Riversella од Сејшелите.
Извор: BBC news “Court ruling forces Mininova to end illegal torrents” 26 ноември, 2009.



