Ако на интернет-пребарувачот впишете „www.msn.com.mk“ …

        Ако на интернет-пребарувачот впишете „www.msn.com.mk“ наместо да се појави сајтот на Мајкрософт, ќе добиете македонска квазистраница на овој софтверски гигант. Во очи ќе ви падне реченицата: „Кои колежи се најдобри, најпознати и други”, а ќе ве изненадат и повеќе содржини напишани на лош и неразбирлив македонски јазик.

        Дупката во македонското законодавство во оваа област овозможува класична злоупотреба на брендот на софтверскиот гигант преку која е отворен патот за понатамошна измама на интернет-корисниците. Од Мајкрософт ја негираат поврзаноста со оваа веб-страница, а во МТ-нет, каде што е хостиран веб-сајтот, ни одговорија дека не смеат да даваат информации кој е сопственикот. Сепак на самиот сајт стои името на Скендер Јусуфи, уредник на msn.com.mk, кој вели дека сопственик е фирмата „Bed corporation“ од Англија.

        – Тимот од Англија контактираше со мене преку мрежата и остваривме соработка. Овој сајт дополнително ќе се креира, а Мајкрософт ја контролира целата работа. Содржината на нашиот сајт е таква каква што е затоа што се уште немаме обезбедено преведувач на македонски јазик, меѓутоа до 7 јануари овој проблем ќе го решиме, така што можам да кажам дека содржински овој сајт е во зачеток, па затоа е со тој квалитет – вели Јусуфи.

        Во претставништвото на Мајкрософт во Македонија велат дека ја забележале оваа веб-страница. Оттаму сметаат дека се работи за поединец што нашол начин да ја искористи познатата марка. Тие велат дека ги информирале македонските интернет-провајдери за злоупотребата на името.

        Надлежна за регистрација на интернет-адреса со додавката „мк” во нашата земја е „Marnet”. Во ова тело сајтот „www.msn.com.mk“ е регистриран до октомври 2005.

        Користејќи го името на Мајкрософт сопственикот на овој сајт веќе оформил цени за рекламирање на идните коминтенти. Така, во зависност од тоа дали вашиот рекламен банер ќе се појавува на првата страница или пак во внатрешните страници, дали тој ќе биде анимиран или не и ред други услови, цените на рекламата се од 100 до 1.500 евра месечно.