Денес, во просториите на Александар Палас, свечено се одбележа заокружувањето на проектот “Македонија се поврзува” кој во изминативе 3 години го овозможуваше УСАИД.
Кратката свеченост ја отвори директорот на проектот Љупчо Тагасовски, кој воедно ја водеше целата церемонија. Воведното излагање го имаше амбасадорката на САД во Македонија, Џилијан Миловановиќ, која во неколку наврати ја потенцираше потребата од понатамошно развивање на пристапот до Интернет во училиштата, и по официјалното завршување на проектот кон крајот на годинава.
Свеченоста продолжи со сеопфатното излагање на Премиерот на Република Македонија, г. Никола Груевски. Тој се послужи со ретроспективна анализа на настаните од значење за проектот во изминатиот период и даде ветување дека владата ќе продолжи со ваков тип на соработки во иднина. Најави дека веќе се подготвуваат низа нови мерки кои ќе одат во прилог на постигнување на нивната крајна цел – претворање на Македонија во регионален информатичко-комуникациски центар.
Потоа следеше церемонијалното примопредавање на признанијата на најзаслужните учесници во проектот. ИСП Оннет зема признание за успешното реализирање на Интернет структурата во Македонија, И-нет – за инсталацијата на компјутерите, World Learning; со специјална награда се здоби претставникот на проектот од Оннет Гоце Николов, додека последната награда и припадна на директорката на Е-школо, Зденка Николовска која симболично му го предаде порталот http://schools.edu.mk на Министерот за образование и наука Сулејман Рушити, со цел продолжување на неговата работа и понатамошен развој.