Телеком мора да отвори нова телефонска линија со број 055, која ќе може да ја користат само интернетџиите. Линијата ќе има специјална цена, пониска од сегашната…
Телеком мора да отвори нова телефонска линија со број 055, која ќе може да ја користат само интернетџиите. Линијата ќе има специјална цена, пониска од сегашната.
Освен оваа обврска, монополската управа му наложи на Телеком на сите интернет оператори да им овозможи користење на брз АДСЛ интернет, а не само на својот провајдер МТ нет.
Решението на управата е конечно откако Министерството за економија ја одби жалбата на Телеком. Компанијата во најкус рок мора да ги спроведе овие решенија.
Цената на линијата 055 би била 0,86 денари за една минута, а во таа сума е вкалкулирана и сметката за телефон и сметката за интернет услуга. Вака конципирана, оваа цена е нешто пониска од сегашната, велат провајдерите.
Најважно од се сепак е што поскапувањето на телефонскиот импулс нема да ги допре интернет корисниците. Провајдерите најмногу стравуваа од најавата за поскапување, бидејќи Македонија и досега беше на светското интернет дно. Во земјава само 3% од граѓаните користат интернет, далеку под нивото на другите Европски земји или САД. Со новата линија можеби малку ќе се подобри ситуацијата, но цените ќе треба и натаму да паѓаат. За споредба во Словенија минута интернет чини 0,5 денари. Во Македонија се предвидува да чини 0,86 денари, но се уште е неизвесно кога тоа ќе се случи.
Операторите стравуваат дека Телеком, користејќи ја својата позиција, ќе ја одолговлекува примената на решението на монополската управа во обид и натаму да му овозможи привилегии на својот провајдер МТ нет.
Младен Чадиковски
Tags: Стари написи