Фирмите што нудат телефонска услуга преку Интернет се жалат дека „Македонски Телекомуникации“ им ги исклучува пристапните броеви кон нивните системи со што ја оневозможуваат конкуренцијата во меѓународните разговори
Фирмите што нудат телефонска услуга преку интернет се жалат дека „Македонски Телекомуникации“ им ги исклучува пристапните броеви кон нивните системи со што ја оневозможуваат конкуренцијата во меѓународните разговори.
Во „Компјунет инженеринг“ и во „Комтел ком“, кои се регистрирани во Агенцијата за електронски комуникации за давање на ВОИП-услуги, велат дека иако пазарот за овие телефонски услуги законски е либерализиран, Телекомот максимално го користи монополот за да ги блокира во работата.
Став на „Македонски Телекомуникации“ е дека овие фирми треба да склучат договор за меѓусебно поврзување на мрежите, зашто не може да користат претплатнички број за да им нудат услуги на трети лица.
– Претпријатија од оваа област не можат да се развијат затоа што имаат постојани пречки од МТ. Законски има либерализација, но во практика нема. Монополот се уште е во сила. Нашата фирма, иако ги задоволува сите законски прописи за работа во оваа дејност, се соочува со сериозни проблеми во работењето. МТ употребуваат нелегални методи против нас, а ние не добиваме никаква заштита од надлежните државни институции. МТ ги исклучува телефонските броеви на нашата фирма, образложувајќи дека вршиме нелегални активности – вели Орце Симов, директор на „Комтел ком“.
Во Телекомот велат дека не може да се користат броеви наменети за крајни корисници за бизнис-услуги и ги повикуваат фирмите да потпишат договор за поврзување.
– Телекомот ја достави референтната понуда за поврзување до Агенцијата за електронски комуникации. Сите заинтересирани може да склучат договор. Бидејќи се уште не се одобрени цените за поврзување, ќе им понудиме на фирмите во договорите да има одредба за израмнување на плаќањата откако Агенцијата ќе ја утврди цената – вели Дејан Силјановски, извршен директор за регулатива во Телекомот.
Во фирмите за интернет-телефонија велат дека според законот, како даватели на услуги не се обврзани да склучат договор за интерконекција, бидејќи немаат претплатници.
– Интерконекција прават операторите што имаат свои корисници за да можат корисниците што припаѓаат на различни оператори да можат да разговараат меѓусебно – вели Симов.
Телефонските повици преку интернет во странство чинат и десеткратно поевтино отколку да се врти преку линиите на Телекомот. Тоа го принуди Телекомот лани да ги намали цените за меѓународните разговори за 50 отсто.
Марјан Блажевски
Извор: Дневник