Во Агенцијата велат дека Телекомот има право да се жали, но тоа не го одлага извршувањето
Агенцијата за електронски комуникации со неколкумесечно задоцнување ја одобри цената за поврзување на мрежите на „Македонски телекомуникации“ со идните фиксни телефонски оператори. Од Телекомот веднаш реагираа најавувајќи дека ќе ја обжалат одлуката бидејќи сметаат оти цените за интерконекција се прениски. Во Агенцијата велат дека Телекомот има право да се жали, но тоа не го одлага извршувањето.
Пред повеќе од еден месец Агенцијата ги одобри техничкиот и правниот дел од референтната понуда за интерконекција на Телекомот, доставена лани во август. Телекомот е должен во рок од 5 дена да ги објави цените за интерконекција.
Со ова се дефинираат условите за работа на идните фиксни телефонски оператори, но почетокот на либерализацијата во телекомуникациите го одложува доцнењето на усогласувањето на концесискиот договор на Телекомот со новиот Закон за електронски комуникации.
Во Агенцијата велат дека ги известиле сите фирми регистрирани за телефонска дејност дека можат да почнат да склучуваат договори за интерконекција со „Македонски телекомуникации“. Засега неколку фирми се заинтересирани да градат мрежа или даваат услуги во фиксната телефонија. Меѓу нив се: „Некстел“, „Дасто“, „Он.нет“, „Неотел“, „Зоринс-нет“ и „Илирија“.
– Агенцијата кога го одредувала тарифникот не направила пресметка врз анализа на трошоците за работа. За споредба се земени цените за интерконекција во сите земји од Европската Унија, што не соодветствува на нашите услови. Требало да се имаат предвид големината на пазарот и бројот на населението. Конкурентските фирми ќе даваат само услуги што се профитабилни, како што се меѓународните разговори. За локалните и за националните разговори, чии цени се под европскиот просек, ќе нема заинтересирани оператори – вели Дејан Силјановски, извршен директор за регулатива во Телекомот.
Според експертите, Законот за електронски комуникации и цените за интерконекција требало да бидат утврдени уште во почетокот на 2005 година, кога стапи во сила либерализацијата. Тие предупредуваат дека доцнењето на подзаконските акти и неусогласувањето на концесиските договори само ги подгреваат сомневањата дека со дивидендата од 42 милиона евра за Владата, Телекомот си обезбеди монопол и за во 2006 година. Либерализацијата на телекомуникациската дејност е будно набљудувана и од ЕУ.
(М.Б.)
Извор: Дневник