Тони Габриќ
Тони Габриќ е роден во 1961 година во Задар, Хрватска. Дипломирал во 1986 година на Филозофскиот факултет во Загреб, на отсеците за филозофија и фонетика.
Почнал да се занимава со новинарство во студентските денови, а најмногу пишувал за „Studentski list“.
По завршувањето на студиите работел како средношколски професор, а потоа како библиотекар во градските библиотеки во Загреб. Во 1993 година дава отказ од библиотеката и започнува да соработува хонорарно со двонеделникот „Arkzin“, весник на анти-воената кампања на Хрватска. Една година подоцна започнува соработка со Feral Tribune. Во Feral работи од 1994-та до 2004-та година.
Во 2004-та година станува уредник на порталот Zamirzine.net. Поради концептуални разлики со издавачот, група соработници на Zamirzine во 2005-та година го лансира порталот H-Alter, чијшто главен уредник е г. Габриќ до денешен ден.
H-Alter во овие 7-8 години работа три пати е избран за еден од десетте најдобри информативни портали во Хрватска на националниот конкурс (Vidi Web Top 100). Во 2007 година четиричлениот тим на H-Alter (Весна Кесиќ, Борис Рашета, Иво Шкориќ и Тони Габриќ) спроведе интервју со новиот претседател на СДП, Зоран Милановиќ, кое хрватското новинарско здружение го прогласи за најистакнато интервју во хрватските печатени медиуми за таа година, со што ја освои и наградата „Марија Јуриќ Загорка“.
Во последниве години најмногу се занимава со покривање и анализа на медиумските политики.
Сподели: