Се чини дека досегашните критики за Турција и нејзината политика на цензурирање содржини на интернет и блокирање на веб-сајтови немаа влијание.
На 4 јуни 2010 година, Високиот Совет за телекомуникации соопшти дека побарал од интернет провајдерите да блокираат дополнителни ИП адреси поврзани со YouTube и оттогаш, турските интернет корисници имаат проблеми со пристап до услугите на Google како што се Google Analytics, Google Translate, Google AdWords или Google Docs.
Турските власти го блокираат пристапот до YouTube уште од мај 2008 г. поради видеа кои се сметаа за навредливи за Мустафа Кемал Ататурк, основачот на турската република.
Репортери без граници ја додаде Турција на листата на „земји под надзор“ во својот извештај за „Непријателите на интернетот“, издаден во март 2010 година.
„Време е турските власти да ја покажат нивната посветеност на слободното изразување, ставајќи крај на цензурата што влијае врз илјадници веб-сајтови во Турција и да го измени Законот 5651 за интернет, со кој се овозможува вакво масовно блокирање на веб-сајтови,“ изјави групата.
Турскиот претседател изрази неодобрување на мерките преземени од страна на неговата земја: „Не сакам Турција да биде меѓу земјите што го забрануваат YouTube и спречуваат пристап до Google. (….) Ако постојат проблеми поради нашето законодавство, треба да има начини за нивно надминување“, изјави претседателот.
Google, пак, изјави за The Register дека смета дека неговите услуги биле случајно забранети и дека ќе работи со турските власти на решавање на проблемот. „Се чини дека проблемот со пристап до некои од сервисите на Google во Турција има врска со тековната забрана на YouTube. Ние работиме на овозможување на нашите сервиси што е можно поскоро“, се вели во соопштението на компанијата.
Репортери без граници исто така сигнализираше дека со турскиот закон за интернет се создала загрижувачка ситуација. Повикувајќи се на законот, Yörsan, компанија за производство на млечни производи во приватна сопственост, се заканува да го тужи новинскиот веб-сајт EmekDunyasi.net доколку не повлече некои стари написи кои ја претставувале компанијата во лошо светло.
Според сегашниот закон, веб-сајтот би можел да биде затворен ако одбива да ги отстрани соодветните написи и сопствениците на сајтот дури би можеле да одат во затвор. Член 9 од Законот 5651 вели: „Сите што сметаат дека нивните права се прекршени можат да побараат од давателот на содржините да ја повлече таквата содржина (…) давателот на содржини или пристап мора да го спроведе ова барање во рок од два дена. Доколку го одбие барањето, случајот може да се поднесе во суд во рок од 15 дена (…) Судот може да досуди казна за прекршителите од шест месеци до две години затвор“.
EmekDunyasi.net одби да го исполни барањето на Yörsan: „Ако на оваа компанија толку и значи вредноста на нејзиниот бренд, таа треба да ги почитува синдикалните права загарантирани со Уставот“.
„Овој вид на судска уцена е вистински проблем. (…) Малкумина новинари се осмелуваат да ги критикуваат компаниите од приватниот сектор или финансиските групи поради страв од репресалии. Ги повикуваме турските судови да не го толерираат обидот за цензура на Yörsan, којшто може да постави опасен преседан за медиумите на интернет“, соопшти Репортери без граници.
- Blockage of YouTube spreads to Google services (7.06.2010)
- Turkish prez tw*ts YouTube ban – Executive Tweet frowns on Google snuff (11.06.2010)
- Food company tries to censor news website’s old reports about union dispute (8.06.2010)
- Turkey bans Google Books, Google Docs, Google Translate… – Collateral damage from YouTube snuff? (8.06.2010)
- EDRi-gram: OSCE asks Turkey to change the laws allowing Internet blocking (27.01.2010)
Извор: ЕДРИ-грам “Turkey extends the censorship of YouTube” бр. 8.2, 16 јуни, 2010.



