Турската агенција за информатички технологии и комуникации (BTK) започна со шемата за безбедност на интернет на 22 ноември, 2011 г., како што беше планирано, но на доброволна основа и по жестоките критики и спротивставувања на првобитните планови за воведување на задолжителен систем за филтрирање.
Корисниците на интернет можат да се регистрираат кај нивните интернет-провајдери за бесплатниот систем за филтрирање кој блокира „непристојни содржини“, а можат да изберат една од трите варијанти за филтрирање: дете, семејство и дом. Кога корисникот на интернет сака да избере една од варијантите за филтрирање, BTK издава ново корисничко име и лозинка овозможувајќи му пристап на корисникот до избраниот систем за филтрирање. Корисниците кои сакаат да престанат да користат филтрирање на интернет можат да се вратат на стандарден профил без филтрирање.
Иако доброволен, системот сè уште предизвикува загриженост, како на пр. надзорот на системот од новиот Работен комитет за критериуми за детските и семејни профили кој според мислењето на професорот по право Јаман Акдениз од Универзитетот Билги во Истанбул „…не изгледа независно ниту пак непристрасно“. Професорот исто така смета дека државните органи може да бидат во позиција да наметнуваат морални вредности.
Повеќе загрижува фактот дека филтерот блокира не само содржини за возрасни, туку и околу 130 зборови за пребарување, вклучително и „сепаратистички“ содржини од ПКК и курдските групи за права. „Исто така сметам дека турските власти не се обидуваат да ги заштитат само децата, туку и возрасните од т.н. „штетни содржини“ изјави Акдениз.
Покрај тоа, како што често докажуваат активистите за слобода и ИТ-експертите, филтрирањето не е вистинското решение за справување со опасностите на интернет за децата. Филтрите лесно се заобиколуваат, чинат многу, а најчесто блокираат и безопасни содржини при процесот.
Државната цензура може лесно да се маскира со очигледно оправдани причини како што се опасностите за семејството и децата. Под превезот на заштитата на децата, владите може да се обидат да вклучат политичка цензура преку вклучување во списокот за филтрирање зборови кои повеќе се поврзани со политичкото критикување и опозицијата, отколку со детската порнографија или тероризмот.
- This Week in Internet Censorship: Opaque Censorship in Turkey, Russia, and Britain (23.11.2011)
- New Internet filtering system available after 3-month test period (21.11.2011)
- EDRigram: Turkey postpones its Internet filtering plans (24.08.2011)
Извор: ЕДРИ-грам „Turkey launches Internet filtering scheme“ бр. 9.23, 30 ноември, 2011.



