Твитер ги предаде податоците кои ќе помогнат да се идентификуваат лицата кои поставувале расистички твитови на францускиот дел од оваа мрежа во октомври, 2012 г.

Сервисот за микро-блогирање водеше правна битка за да го избегне предавањето на податоците. Сепак, ја загуби жалбата во средината на јуни, а сега се спогоди со тужителите.

Повикот да се дознае кој стои зад твитовите дојде од Француската унија на еврејски студенти (UEJF).

Унијата го предупреди Твитер за повеќе расистички твитови поставени на крајот на 2012 година и побара да ги отстрани бидејќи ги прекршувале француските закони со кои се забранува поттикнување расна омраза.

Постовите беа избришани и наскоро потоа, UEJF и четири други анти-расистички групи побараа да видат информации за идентификација на лицата што ги напишале пораките.

Твитер ги одби, па петте организации започнаа судска постапка за да го принудат да им ги предаде податоците. Покрај тоа, во март годинава UEJF покрена и тужба од 30 милиони фунти (50 милиони долари) против Твитер, затоа што не им ги предаваше податоците.

Со предавањето на податоците „се става крај на спорот” меѓу Твитер и петте групи и завршуваат сите судски постапки, се вели во соопштението на сервисот за микро-блогирање.

Тие додаваат и дека двете страни се согласиле да работат заедно во борбата против расизмот и антисемитизмот во иднина. Твитер исто така постави системи со кои ќе се олесни барањето информации за идентификација на луѓе што го злоупотребиле сервисот.

Постапката на Твитер беше „голема победа“ во борбата против расизмот, изјави претседателот на UEJF, Џонатан Хајун.

„Овој договор е потсетник дека не можете да правите што сакате на интернет“, рече тој. „Твитер повеќе нема да биде плодна почва за расисти и анти-Семити и нема да ја заштитува нивната анонимност“.

Извор: BBC.co.uk „Twitter hands over data to ID racist users“ 12 јули, 2013.