Во земјите-членки на ЕУ-27, 65% од домаќинствата имале пристап до интернет во првото тромесечје од 2009 година, во споредба со 60% во текот на првото тромесечје од 2008 година, а 56% имале широкопојасен интернет во 2009 година, во споредба со 49% во 2008 година.

Овие податоци објавени од Еуростат, Заводот за статистика на Европските заедници, претставуваат само мал дел од резултатите од истражувањето за користењето на Информатички и комуникациски технологии (ИКТ) во домаќинствата и од страна на поединци во земјите-членки на ЕУ-27, земјите кандидати за членство, Норвешка, Исланд и Србија. Освен употребата на интернетот и приклучоците на широкопојасен интернет, во истражувањето се вклучени и други показатели како што се електронското купување, е-власта и напредните услуги за комуникации и содржини.

Интернет пристапот во домаќинствата се движи од 30% во Бугарија до 90% во Холандија.

Во 2009 година, процентот на домаќинства со интернет пристап беше три четвртини или повеќе во Холандија (90%), Луксембург (87%), Шведска (86%), Данска (83%), Германија (79%), Финска (78%) и Обединетото Кралство (77%). Најмала застапеност беше забележана во Бугарија (30%), Грција и Романија (38% и во двете земји).

Застапеноста на домаќинства со широкопојасна врска во 2009 година беше најголема во Шведска (80%), Холандија (77%) и Данска (76%).

Речиси 40% од луѓето купуваат преку интернет.

Речиси три четвртини од лицата на возраст од 16 до 24 години од земјите-членки на ЕУ-27 во просек користеле интернет секојдневно или речиси секојдневно во првиот квартал од 2009 година, во споредба со речиси половина од сите лица на возраст од 16 до 74 години. Највисокиот процент на тие лица на возраст од 16 до 24 бил утврден во Холандија (90%), Данска и Естонија (88% и во двете земји), Финска и Шведска (87% и во двете земји), а најнизок во Романија (41%), Грција (57%) и Ирска (58%).

Во изминатите 12 месеци од 2009 година, 37% од лицата на возраст од 16-74 години од земјите членки на ЕУ-27 купиле или нарачале добра или услуги преку интернет. Овој процент значително варираше кај земјите-членки, движејќи се од 2% во Романија, 5% во Бугарија и 8% во Литванија, до 66% во Обединетото Кралство, 64% во Данска и 63% во Холандија и Шведска. Во ЕУ-27, 40% од мажите нарачале добра или услуги преку интернет, во споредба со 34% од жените. Процентот на мажи кои купувале преку интернет е повисок од процентот на жени во речиси сите земји-членки.

Извор: Europe’s Information Society “Internet access and use in 2009” 8 декември, 2009.