Веб-сајтот ќе овозможи полесна комуникација на обврзниците со Фондот
Фондот за пензиско и инвалидското осигурување доби свој веб-сајт. Сајтот е во функција на новиот електронски начин на наплата на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, како дел од тековните реформи на пензискиот систем. Веб-сајтот ќе овозможи полесна комуникација на обврзниците со Фондот. На сајтот можат да најдат податоци и информации за тоа како ќе се остварува новиот начин на електронско плаќање на придонесите.
Откако ќе започне со работа вториот приватен пензиски столб, а тоа е предвидено да се случи околу 1 јануари 2006г., Фондот ќе треба да ги собира податоците за осигурениците од постојниот, но и за новиот систем, да врши распределба на уплатените средства, како и контрола на висината на наплата на придонесите.
Веб-сајтот на Фондот за ПИО е финансиран од заемот за развој на социјалната заштита со средства во износ од 37 илјади долари. Моментално во Македонија корисници на пензиски и инвалидски пензии се околу 280 илјади граѓани, или околу 13,7 проценти од вкупното население.