„Македонски телекомуникации” со нови услуги за корисниците
Видео-телефон е најновата услуга која „Телеком“ ќе ја воведе на нашиот пазар. Компанијата ги завршила техничките тестирања за примена на видео-телефонијата, но таа ќе им биде достапна на граѓаните дури во последното тримесечје на 2006 година, кога ќе биде предадена во комерцијална употреба. Разговорот проследен со видео-слика како услуга е многу скапа, и според зборовите на главниот извршен директор на „Телеком“, Атила Сендреи, видеофонот всушност претставува еден вид статусен симбол, кој првично поради цената може да се понуди само на одреден сегмент на корисници. Куповната цена на опремата за видео-телефонијата се движи од 800 до 1.000 евра, не сметајќи ги другите трошоци.
Останувајќи доследна на обезбедувањето на најсовремени телекомуникациски услуги, „Телеком“ во јануари минатата година ја воведе и АДСЛ-услугата. Така, во почетокот на јуни, според Сендреи, компанијата го добила 5.000-тиот корисник на брз Интернет. АДСЛ-понудата е претставена преку три пакети: макс-пакет кој обезбедува 7 пати побрз Интернет од обичниот, офис-пакет, кој е 9 пати побрз и профи-пакет кој обезбедува 18 пати побрз пристап. Најнискиот месечен надомест за АДСЛ е 1.990 денари, но Сендреи најавува дека оваа услуга ќе поевтини во текот на летните месеци. Во почетокот од воведувањето на АДСЛ, корисниците плаќаа по 6.000 денари.