Администрацијата на шпанскиот автономен регион Валенсија ја заврши миграцијата кон LibreOffice, пакетот од канцелариски апликации базирани на слободен софтвер.
Во петокот минатата недела одделот за ИКТ на регионот најави дека канцеларискиот пакет е инсталиран на сите 120.000 десктоп-компјутери на администрацијата, вклучувајќи ги и училиштата и судовите. Со миграцијата, владата ќе заштеди околу 1,5 милиони евра годишно за неслободни софтверски лиценци.
„Освен економските придобивки, посветеноста на слободниот софтвер носи и други предности, како што се достапноста на решенија освен на шпански и на валенсиски јазик, независноста од добавувачите на ИТ, која ја поттикнува конкуренцијата“ изјави во своето соопштение генералниот директор на одделот за ИКТ, Софија Белес. „Ние имаме и слобода да го менуваме и приспособуваме софтверот на секоја наша потреба“.
Директорот Белес вели дека миграцијата на регионот Валенсија започнала во втората половина на 2012 година. Веќе се оствариле заштеди од 1,3 милиони евра кои инаку би биле потрошени на лиценци за комерцијални пакети од канцелариски апликации. Миграцијата е дел од мерките преземени од страна на Советот на регионот со цел да се намалат трошоците за ИКТ, особено со остварување заштеди на неслободните софтверски лиценци.
Во својата изјава, одделот за ИКТ укажува на други примери за иницијативи за слободен софтвер од регионот, како што е воведувањето на Linux дистрибуцијата Lliurex на 110.000 компјутери во сите училишта во регионот. „Од почетокот на оваа иницијатива во 2005 година досега се заштедени повеќе од 30 милиони евра.”
„Инсталирањето пакет од канцелариски апликации базирани на слободен софтвер е дел од стратешката определба на регионалната власт за користење слободен софтвер. Не само што помага да се заштеди на трошоци за лиценци, туку и го зголемува развојот на локалниот ИКТ сектор, ја промовира употребата на валенсискиот јазик во дигиталниот свет и ја подобрува интероперабилноста и безбедноста на ИТ-системите на администрацијата.“
Извор: Joinup.eu „Valencia region government completes switch to LibreOffice“ 22 август, 2013.