Јавната администрација која активно користи софтвер со отворен код треба да одржува добри контакти со оние кои развиваат таков вид на софтвер, препорачува Флоријан Маер, програмер што развива софтвер за градот Минхен.

Таквите контакти нудат добри можности за размена на знаење, вели Маер. „Заедницата е многу важна. Јавната администрација не треба сама да работи на развојот на софтвер“.

Маер вели дека градските програмери активно ги следат случувањата кај неколку проекти за софтвер со отворен код, користејќи сметки на неколку популарни веб-локации за развој на софтвер со отворен код. Таквите врски, на пр. и помагаат на јавната администрација да понуди поддршка за своите корисници кога тие сакаат да продолжат да користат постари апликации. Некои од корисниците сè уште користат постара верзија на интернет-прелистувачот Фајрфокс и вклученоста на градските програмери во проектот за софтвер со отворен код помага да се одржи поддршката.

Програмерите како Маер сега се важен извор на информации за проектот за десктоп-компјутери со слободен софтвер во Минхен. Друга причина за вмрежувањето на заедницата е тоа што проектот достигна критична маса, вели Маер. „Сега се достапни повеќе програмери“.

Во моментов, 6.800 компјутери во Минхен се базирани на софтвер со отворен код, од вкупно 15 илјади компјутери што се во употреба во градската администрација. На крајот на оваа година, околу 8.500 ќе бидат префрлени од неслободниот оперативен систем кон оперативен систем базиран на софтвер со отворен код, а во 2013 г. ќе се изврши миграција на 12.000 до 13.000 компјутери. „Вршиме миграција на околу 50 до 70 компјутери неделно“.

Поголемиот дел од десктоп-компјутерите во градот ќе работат на Убунту ГНУ/Линукс, изјави Маер. Пред неколку месеци, градот одлучи да изврши миграција од Дебијан ГНУ/Линукс кон изведената верзија Убунту. Според Маер, ова главно се должи на тоа што носителите на одлуки ги привлекува долгорочната поддршка на Убунту и компатибилноста со хардверот.

Една од главните лекции што се научија со миграцијата кон десктоп-компјутери со софтвер со отворен код, изјави Маер, е тоа што ИТ програмерите на градот имаат важна улога во убедувањето на корисниците да ја прифатат промената. Помага и тоа што им се нудат нови функции, како на пр. лесен начин за шифрирање на USB-мемории.

Извор: OSOR.eu “‘Government open source projects should work closely with community'” 16 август, 2011.