Според најновиот извештај за транспарентност на Google објавен во јануари 2013 година, во текот на последните три години драматично се зголемиле барањата на владите од ЕУ за IP-адреси на корисници, историја на прелистување на интернет, комуникација преку е-пошта или документи. 

Само во периодот од јули до декември 2012 година, просечниот број на таквите барања изнесуваше над 1.200 месечно, што е повеќе од една третина од сите барања поднесени од владите во светот и претставува зголемување од 100% во последните три години.

„Информациите што им ги предаваме на компании како Google создаваат детална слика за тоа кои сме – од нашите политички и религиозни погледи, до нашите пријателства, здруженија и локации. Затоа, овие информации заслужуваат највисок степен на приватност и безбедност, а трети лица треба да имаат пристап до нив само во исклучителни околности. Владите мора да престанат да ги третираат податоците на корисниците кои ги имаат компаниите како ризница со информации која тие можат да ја ограбуваат кога ќе посакаат, со недоволно или пак без никакво судско овластување“, изјави Карли Нист, раководител на одделот за меѓународно застапување при Privacy International.

Во извештајот на Google се открива и дека голем дел од барањата биле одбиени од страна на Google затоа што имале преширок делокруг, биле незаконски или неправилно поднесени. Барањата главно се поврзани со кривични истраги. Google вели дека барањето понекогаш се составува од неколку видови податоци и во некои случаи компанијата го известува корисникот однапред дека владина полициска агенција сака да добие информации од неговите кориснички сметки.

„Алармантната статистика во овој најнов извештај за транспарентност служи како потсетник за потребата од поцврста заштита на приватноста на национално и регионално ниво, кога се работи за комуникациите преку интернет. За таа цел, Privacy International, заедно со коалиција од организации меѓу кои и Electronic Frontier Foundation, наскоро ќе објави Меѓународни принципи за следење на комуникациите и за човекови права. Се надеваме дека овие принципи ќе понудат насоки за владите околу стандардите и заштитните мерки кои мора да се воведат за да се заштити правото на приватност на интернет“ изјави Карли Нист.

Извор: ЕДРИ-грам „EU governments keep increasing requests to Google for private data“ бр. 11.2, 2013.