Мајкл Гајст, професор по интернет право, анализира што ќе значи удвојувањето на корисниците за интернет мрежата.
„Минатиот месец стотици луѓе дојдоа во Рио де Жанеиро, Бразил, по повод вториот Форум за управување со интернет.
Поддржан од Обединетите нации, Форумот за интернет управување привлече политичари, бизнис лидери, технолози и други заинтересирани за глобалните прашања во однос на интернетот.
Додека вниманието на медиумите се фокусираше првенствено на прашања од областа на имиња на домените, тие беа засенети од едно многу поважно и предизвикувачко прашање – што ќе значи наредната милијарда корисници за самиот интернет?
Денес, повеќе од милијарда луѓе низ целиот свет користат интернет, а удвојувањето на овој број, кое треба да се случи во текот на наредната декада, очигледно ќе има големо влијание врз мрежата, технологијата, индустријата за компјутерски софтвер, пристапот до знаење, и нашата животна средина.
Разбирањето на ефектот на уште една милијарда корисници започнува кога ќе го земеме предвид потеклото на тие корисници. Иако некои од нив ќе живеат во Северна Америка, Европа, и во другите развиени земји кои го елиминираат својот домашен дигитален јаз, поголемиот дел од новите корисници несомнено ќе потекнуваат од земјите во развој.
Кина веќе е втората земја во светот според бројот на интернет корисници и веројатно ќе го надмине светскиот лидер – САД во текот на наредните година или две, со плус 250 милиони интернет корисници во наредната декада.
Земјите како Индија и Бразил ќе придонесат со 200 милиони интернет корисници, додека најбрзата стапка на развој ќе ја има Африка, која започнува од помала основа.
Наредните милијарда корисници ќе се разликуваат во повеќе погледи, отколку само географски. Англискиот јазик за поголемиот дел од новите интернет корисници нема да биде прв јазик, што ќе доведе до зголемен притисок за воведување на други јазици во системот на имиња на домени.
Згора на тоа, многу нови интернет корисници ќе имаат различни културни и општествени погледи во однос на деликатни прашања како што се слободниот говор на интернет, приватноста и авторските права.
Бидејќи бараат глас во креирањето на глобалните политики, овие корисници ќе придонесат за промени во дебатата за политики.
Исто така, наредната милијарда веројатно ќе користи различна технологија за пристап на интернет. Неодамнешното претставување на лаптопот XO, претходно познат како лаптоп од 100 долари – покажува како светот во развој има различни побарувања и како технолошката индустрија ќе треба да се прилагоди на тие променливи околини.
Всушност, светкавите, модерни лаптопи со големи екрани, брзи ДВД-плеери, и огромни хард дискови веројатно ќе им го отстапат местото на машини кои трошат помалку енергија и се подобро прилагодени за корисници со различно ниво на писменост.
Оперативните системи и софтверот инсталиран на тие машини најверојатно ќе бидат различни од сегашните. Микрософт и Епл можеби беа изборот на поголемиот дел од првата милијарда, но голема е веројатноста дека следната милијарда ќе користи алтернативи од типот на слободен софтвер кои се бесплатни и ја нудат можноста за локално приспособување.
Не само што ќе се разликуваат апаратите, туку наредната милијарда корисници ќе применува алтернативни методи за пристапување на интернет. Распространетиот широкопојасен интернет можеби ќе биде прескап за инсталирање во некои земји во развој, што ќе води кон безжично и сателитско поврзување.
Корисниците можеби ќе користат мобилни уреди како нивен првенствен начин за поврзување на интернет, со што ќе имаат побавна брзина на пристап и ќе ги принудуваат компаниите кои се бават со е-трговија да се прилагодат на променливиот пазар.
Пораката од Форумот за управување со интернет беше дека наредната милијарда интернет корисници претставува една многу позитивна приказна.
Додека ја пречекуваме наредната милијарда, мора да признаеме дека тие корисници ќе сторат повеќе отколку само користење на интернетот. Тие ќе учествуваат во неговото обликување според своите замисли и според нивните сопствени вредности, јазици и култури.“
Извор: Бибиси



