“Истражувачка сторија: РСМ, чекање и талкање: Патот на двајца млади луѓе до добивање извод на венчани – Порталб.мк”

04.02.2021

Во фокусот

Извод од Матичната книга на венчаните. Фото: Порталб.мк

Граѓаните на земјава секојдневно се соочуваат со проблеми од различна природа кога станува збор за издавање документи. Јавната администрација не секогаш функционира правилно и тоа најдобро го покажуваат анкетите за доверба на граѓаните. Порталб.мк, директно на терен ја следеше постапката за венчањето на една двојка од Скопје, кои одлучиле тоа да го сторат во Регионалната канцеларија на Подрачната единица Скопје – општина Чаир, на Управата за водење на матичните книги.

Следењето на оваа постапка откри недостиг на ефикасност на јавната администрација, но и административни апсурди. Двојката која се венчаше прво чекаше пред шалтери, пополнуваше обрасци, а доколку работеше дигиталниот систем, сето тоа ќе го направеше со два или три клика и потоа ќе отидеа во општината само за да се потпишат во Матичната книга на венчани.

Ова го докажува она што Порталб.мк го истражуваше, односно дека издавањето документи на овој начин ги чини граѓаните време и пари. Поради тоа, експертите предлагаат да се дигитализираат матичните регистри (книги), па дури и да се укине потребата за достава на дел од документите, како што е изводот од матичната книга на родени, или низа други документи, бидејќи во тој случај документот или податоците ќе ги има одговорната институција, а не граѓанинот.

Редиците пред шалтерите, особено во овој период на пандемија, го изложија овој брачен пар на ризик да се зарази со ковид-19. Внимателното набљудување на овој случај ни покажа дека на Северна Македонија ѝ треба ефикасна и ефективна јавна администрација за граѓаните да не талкаат од една во друга општина за венчавање.

Ќе ја објасниме постапката чекор по чекор, сè до венчавањето на парот.
Потребни документи:
• Лична карта или пасош (за идентификација);
• Изводи од Матична книга на родените;
• 100 денари административна такса;
• Потврда од 50 денари на жиро-сметка на Управата за водење на матичните книги.

11 јануари 2021 година
Во Општина Чаир отидовме во 8.30 часот, кога и започнува официјалното работно време, кое завршува во 16.30 часот. Канцеларијата за информации во Општина Чаир сè уште не беше започнала со работа. Затоа бевме принудени да тропнеме на други врати за да прашаме каде треба да се јавиме за да поднесеме барање за венчавање.

Работното време започна, работниците не се на работа.

Регионалната канцеларија на Подрачната единица Скопје – општина Чаир на Управата за водење на матичните книги (11.01.2021), време: 09.25 часот

„Канцеларијата е на првиот кат, но сè уште не е отворена“, рече вработен во општината.

Два пати го побаравме директорот на Канцеларијата за водење на матичните книги, Бујар Дардишта, за да го прашаме каде се работниците кои треба да бидат на работното место со почеток во 8.30 часот, но тој не одговори на повиците. Оваа канцеларија е во надлежност на Министерството за правда.

Се отвора во 9 или 9.30“, рече вработен во општината, кој работи во соседната канцеларија.

Додека чекавме да пристигнат вработените, се собраа и граѓани, кои чекаа на ред.

Двајцата вработени пристигнаа во 9:30 часот, односно доцнеа еден час.

Дојдовме на ред по 10 минути. Прашавме за постапката на венчавање и што треба да правиме.

„Прво, треба да се подготват документите. За да се утврди термин на венчавање, изводите на родените на парот не смеат да бидат постари од 6 месеци“, рече вработениот.

„Имаме изводи од матична книга на родените, но тие се постари од 6 месеци“, рече парот.

„Тие не се валидни, потребни се нови“, објасни вработениот.

Во истражувањето на Порталб.мк за дигитализација на услугите, експертите порачаа дека изводот од Матичната книга на родените треба целосно да се исфрли од оваа постаљпка, а не пак да имаме ситуација да не смее биде постар од 6 месеци за да биде валиден.

Ги пополнивме барањата и ги доставивме, а вработениот ни рече да дојдеме и да ги земеме изводите по една недела.

За документ кој може да се издаде за неколку минути, а според практиката, за 2-3 дена, во овој случај граѓаните треба да чекаат една недела.

18 јануари 2021 година
Една недела подоцна, на закажаниот ден, отидовме да ги земеме изводите од матичната книга на родените. Еден од двајцата вработени пристигнал на време, додека другиот воопшто не беше таму.

Додека чекавме на ред, бевме сведоци на случај на граѓанин кој итно требаше да добие извод од матичната книга на венчаните.

„Денеска морам да извадам извод за венчани“, побара еден граѓанин од вработениот.

Вработениот му даде писмо со број, според кое, граѓанинот ќе мора да чека 1 недела, а кажа дека му е потребен во моментот.

„Ми треба веднаш“, рече граѓанинот.

„Денеска не е можно, има луѓе кои чекаат по една недела. Дојди, за 2-3 дена некако ќе го подготвиме“, рече вработениот.

„Земете го ова писмо со бројот, бидејќи одам на друго место да завршам работа“, рече револтираниот граѓанин и си замина.

Ни дојде редот да ги добиеме изводите за родени, кои, иако чекавме една недела, сè уште не беа подготвени. Моравме да чекаме пред шалтерот додека вработениот ги испечати на самото место. Вработените можеа истото да го направат уште првиот ден кога ги доставивме барањата.

За два изводи, двојката плати 300 денари. Изводите беа истите што ги имаше парот, но беа постари од шест месеци.

Откако ги комплетиравме документите, побаравме на истиот шалтер да закажеме термин за венчавање.

„Сите термини се зафатени, до март, значи ако сакате да закажете термин, тоа е само по два месеци “, рече еден од вработените, кој исто така ни препорача да одиме во Општина Бутел.

И покрај фактот дека двојката живее во Чаир и сакаа да се венчаат во нивната општина, тие беа принудени да отидат во Општина Бутел, бидејќи во спротивно требаше да чекаат 2-3 месеци за да се венчаат.

26 јануари 2021 година
Во Општина Бутел отидовме во 8 часот наутро за да видиме кога точно започнува со работа Управата за водење на матични книги.

Извод од матична книга на родените, фото-илустрација

Вработениот во оваа општина започнал со работа пред официјалното време и нè прими во неговата канцеларија.

„Дојдовме да закажеме термин за венчавање, ние сме од Општина Чаир“, му објаснија на вработениот.

„Зошто не се венчате во вашата општина?“, праша вработениот.

Двојката ја кажа причината, а вработениот рече дека нема проблем, дека може да се венчаат и во оваа општина.

За разлика од Општина Чаир, во Општина Бутел, вработениот рече дека терминот за венчавање може да се одреди кога парот сака, во рамките на работното време.

„Имаме термини и можеме да договориме кој ден сакате“, рече вработениот.

Двојката го пополни формуларот и го одреди датумот на венчавање за 3 дена.

Според општинскиот ценовник, салата за венчавање се плаќа 1.000 денари.

Вкупно, за издавање на документот, парот потроши:
• 2 изводи од матична книга на родени: 300 денари
• 1 извод на венчаните: 150 денари
• Сала за венчавање во општината: 1.000 денари

Трошоците за пат и време не се вклучени во оваа цена.

29 јануари 2021 година
На денот на венчавањето, матичарот ја повикал двојката по телефон да ги потсети на закажаното време за венчавање, а за 3 дена го подготвил уверението за венчавање.

Постапката за венчавање не траеше повеќе од 20 минути, по што матичарот им честиташе на парот и им го даде изводот на венчаните.

Истражувањето на „Порталб.мк„ за дигитализацијата на услугите можете да го прочитате во следните четири дела:

Оваа истражувачка сторија е изготвена како дел од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

Оваа истражувачка сторија е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината од оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондација Метаморфозис и авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Сподели:

mediumski-item-img-1.png

Порталб, Мета и Вистиномер ја потпишаа Повелбата за етичко известување за време на изборната кампања

Главниот уредник на Новинската агенција – Мета, Горан Ризаов, заедно со главната уредничка на порталот на албански јазик Порталб.мк, Елида Зулбеари како и уредникот на Вистиномер.мк, Владимир Петрески, ја потпишаа Повелбата за етичко известување за време на изборната кампања во 2021 година

mediumski-item-img-1.png

Отворената вибер група „Де факто: само проверени содржини“ е новиот канал за точно информирање на граѓаните

За да се подобри информираноста на граѓаните со точни, проверени и веродостојни информации на теми кои се од интерес и важност за секојдневниот живот на граѓаните, Фондацијата Метаморфозис ја започна отворената Вибер група „ Де факто: само проверени содржини“ наменета за граѓаните. Преку оваа Вибер платформа ќе се објавуваат проверени информации за состојбите со Ковид-19, […]

mediumski-item-img-1.png

АНАЛИЗА: Цените на становите зголемени за 4 отсто, бројот на одобренија за нови згради пораснал за 35 отсто

Значајно поскапување на становите, односно недвижностите во првиот економски квартал. Во истиот период регистриран е и раст на бројот на издадени одбренија за изградба на згради, пишува „Порталб“. На територијата на дел од општините кои беа под мораториум за градба – се враќа машинеријата. Летен „залет“ на градежништвото, становите поскапеа Од 2015 година, во вториот […]