Експертот Сем Пауер откри дека државното финансирање на медиумите за време на предизборната кампања не е целосно пропорционално
РСМ, има неколку начини како да се спречи корупцијата во финансирањето на онлајн медиумите со државни пари
Британскиот експерт за финансирање избори и предавач на Универзитетот во Бристол, Сем Пауер, денеска на брифинг со новинарите во Скопје, организиран од Фондацијата Метаморфозис и Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), ги презентираше главните наоди од проектот „Парите, медиумите и изборите во Северна Македонија, пишува Порталб.мк.
Експертот Сем Пауер откри дека државното финансирање на медиумите за време на предизборната кампања не е целосно пропорционално. Според него, има слаб регулаторен надзор, транспарентен во теорија, но не и во пракса.
„Во многу области Северна Македонија е усогласена со стандардите на ЕУ, но не и во случајот со индиректното државно финансирање преку платеното политичко рекламирање. Финансирањето на медиумите преку државните фондови е слично на системите на земјите како Бутан, Кенија, Перу и Тајланд“, објасни Пауер, истакнувајќи ги земјите каде рекламирањето е забрането: Бразил, Коморските Острови и Швајцарија, или земјите како Шпанија и Обединетото Кралство кои обезбедуваат бесплатно време за емитување.
Во моментов во Северна Македонија не постои посебно тело за надзор над онлајн порталите. Затоа, Пауер смета дека, ако им дадеме на луѓето можност да се однесуваат коруптивно, не треба да се чудиме кога ќе го направат тоа.
„Голема е веројатноста дека државните средства ќе бидат злоупотребени од политичарите во врска со онлајн порталите. Парите се суштински, но тие имаат моќ да ја искриват демократијата“, рече Пауер.
Врз основа на неговите наоди експертот Пауер наведе 11 препораки врз основа на кои тој има за цел да ја регулира транспарентноста на финансирањето на медиумите за време на изборите:
1. Да се разгледаат критериумите за распределба за добивање на (директна и индиректна) државна поддршка, за таа да биде поврзана со гласовите и местата обезбедени на претходните избори, во согласност со стандардите на ЕУ.
2. Да се обезбеди навремена распределба на средствата и транспарентност на методологијата за распределба на средствата и да се назначи тело одговорно за исплатите.
3. За да се спречи етаблираните политички партии да станат премногу доминантни, официјалните емитувања (офлајн и онлајн) треба да се балансираат според ирскиот модел.
4. Да се назначи тело (најверојатно АВМУ) за следење на активноста на онлајн порталите и обезбедување усогласеност со правилата
5. Не треба да има заеднички одговорности за надзор и секоја организација во регулаторниот екосистем треба да има дефинирана улога во надзорот на елементите на изборното/политичкото финансирање.
6. Консолидација и усогласување на регулаторната одговорност помеѓу АВМУ, ДКСК, ДИК и ДЗР.
7. Градење на интегритетот на изборниот процес преку инвестирање во вистинските ресурси во регулаторниот екосистем.
8. Препорака за градење транспарентност во политичкиот систем на Северна Македонија и ставање на располагање на плаќањата за изборни расходи во форма на лесно пребарлива и ажурирана база на податоци
9. На подолг временски рок, спроведување на некаква форма на родово специфични мандати за тоа како партиите ги користат јавните фондови – дали со наложување одреден процент да се посвети на промовирање на жени кандидатки, со барање дел од средствата да се наменети за промовирање на жени кандидатки, или преку нудење на соодветни стимулации.
10. Измена на Изборниот законик со цел изрично да се забрани говорот на омраза во платеното политичко рекламирање.
11. Воведување на одредби во Законот за финансирање на политичките партии за да се обезбеди правична распределба на средствата за инклузивни кампањи.
Потсетуваме дека Фондацијата Метаморфозис ги истражуваше јавните фондови за изборните кампањи на онлајн порталите. Истражувањето е спроведено на 30 избрани онлајн информативни портали, што е повеќе од 10% од вкупниот број на регистрираните веб-страни (251) до Државната изборна комисија за платено политичко рекламирање. Во периодот од 15 април до 10 мај 2024 година предмет на мониторинг биле вкупно 13.645 написи за изборите.
Истражувањето покажа дека повеќето од мониторираните портали биле фокусирани на главните парламентарни партии/коалиции, додека пак известувањето за помалите партии било ограничено.
Наодите од истражувањето укажуваат дека системот на директно државно финансирање на онлајн информативните портали може да се преиспита или, доколку остане таков каков што е, во законодавството треба да се воведат јасни и објективни критериуми за да може да се гарантира транспарентност и одговорност, како на пример во одредувањето на подобноста на информациите на онлајн информативните портали, како и во користењето на државните пари за платено политичко рекламирање.
Во истражувањето се препорачува и зајакнување на професионалните стандарди за новинарите преку поддршка за истражувачкото и аналитичкото известување преку специјализирани програми за обука на новинарите за напредни истражувачки вештини, етички упатства и најдобри практики во истражувачкото новинарство.
Преземено од Мета.мк