Фондација Метаморфозис активно работи на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за сајбер безбедност во поддршката на нивните конституенти, особено ранливите групи, за да ја зголемат нивната отпорност на сајбер закани и да практикуваат редовна сајбер хигиена.
Како дел од активностите за подобрување на познавањата од полето на сајбер безбедноста, а во рамките на проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“, Фондација Метаморфозис планира две еднодневни обуки за претставници на граѓанските организации и граѓански активисти.
Првата обука ќе се одржи на 9-ти април 2025 година, додека втората обука ќе се одржи на 7-ми мај 2025 година. Двете обуки ќе се одржат во Скопје, во канцелариите на Фондација Метаморфозис. За учесниците кои доаѓаат надвор од Скопје ќе бидат подмирени патни трошоци во висина на повратен автобуски билет.
Обуката ќе вклучува практични совети за создавање и управување со силни лозинки, важноста на двостепената автентикација (2FA), како да се препознаат фишинг напади и малициозен софтвер, безбедно користење на јавни Wi-Fi мрежи, како и препораки за заштита на личните податоци на социјалните мрежи. Покрај тоа, ќе се разговара за ризиците од користење на несигурни апликации и линкови, важноста на редовно ажурирање на софтверот и користење на антивирусни решенија. Обуката има за цел да ги зајакне дигиталните навики на учесниците и да ги заштити од потенцијални сајбер закани во нивното секојдневно користење на интернетот.
Организациите кои ќе бидат дел од обуките ќе имаат можност да се пријават за менторство за дизајнирање на персонализирани планови за дигитална безбедност, со цел да се зајакнат нивните капацитети и да се поттикне ефектот на зајакнување на колективната отпорност на сајбер закани преку овие омоќени активисти.
Формуларот за пријавување е достапен на следниот линк.
Пријавувањето на учесници е до 1-ви април 2025 година.
Проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“ е поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Centar za promociju civilnog company (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ, а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.