Сагата со Законот Хадопи (три предупредувања пред исклучување од интернет) продолжува со второто читање на нацрт-законот во Француското народно собрание кое започна на 29 април, 2009 г.

По неочекуваното отфрлање на нацрт-законот во Долниот дом на 9 април 2009, мнозинството овој пат одлучи да го донесе Законот без оглед на сè. Притисокот се должеше главно на тековната дискусија во Европскиот парламент за усвојувањето на телекомуникацискиот пакет со што францускиот закон би се ставил во критична позиција. Француската влада вложи големи напори за што побрзо да го протурка изгласувањето на законот во Народното собрание.

„Ќе внимаваме да не заспиете бидејќи вечерва ќе гласаме“ изјави пратеникот Жан Франсоа Копе на 29 април. Се чини дека целата битка околу нацрт-законот се претвори во политичка дебата. Овој пат, присутни во голем број, мнозинството членови на парламентот успеаја да го одбијат предлогот на опозицијата нацрт-законот да се врати  до мешаната заедничка комисија.

Франк Рајстер, одговорен за извештаи во врска со нацрт-законот, побара отфрлање на „каква било измена и дополнување што го става во прашање компромисот на мешаната заедничка комисија“ што е всушност најстрогата форма на нацрт-законот, со што се покажува намерата на мнозинството да го усвои нацрт-законот каков што беше пред неговото одбивање на 9 април.

Се чини дека постоеле стравувања дека владата би можела да го искористи уникатното (или т.н. блокирано) гласање со кое би се овозможило да се гласа за целиот текст на нацрт-законот како единствена ставка, наместо да се гласа за сите поединечни измени и дополнувања. Сепак, тоа не се случи и големиот број на измени и дополнувања, предложени најчесто од опозицијата, овозможи Собранието да ги финализира расправите и да гласа до вечерта на 5 мај. Тоа утро, сè уште имаше 160 измени и дополнувања за разгледување од вкупно 214. Затоа, гласањето беше одложено до 12 мај, одлука што е дефинитивно разочарувачка за Никола Саркози кој сакаше да се изведе гласањето за законот пред Европскиот парламент да ја донесе конечната одлука за телекомуникацискиот пакет.

Според Џереми Цимерман, портпарол на La Quadrature du Net, „Законот Хадопи несомнено, по налог ќе биде изгласан со блокирано мнозинство. Но ќе остане запаметено како политички неуспех на владата и демократска и технолошка отстапка. Хадопи е предупредувачки сигнал кој ги повикува сите да се кренат против штетните последици од регулативата со која се жртвуваат граѓаните и интернетот во корист на нечии застарени интереси“.

Во меѓувреме, движењата на опозицијата продолжуваат со активностите. Писателот на научно-фантастични романи  – Роланд Вагнерхас организираше група со назив „Научната фантастика против Хадопи“ а беше организиран и марш против Хадопи на 1 мај 2009 г., од страна на неколку организации на иницијатива на Libre Acces и француската податочна мрежа во Париз. Исто така, беше покрената значајна иницијатива од групите на потрошувачи вклучувајќи ги La Quadrature du Net и UFC Que Choisir кои го започнаа проектот Internet Public Creation, проект наменет за пронаоѓање на нови бизнис модели и решенија за важни прашања во врска со културното творештво и приходот на уметниците.

По гласањето во Народното собрание, текстот на Хадопи ќе се врати на повторно читање во Сенатот и доколку текстот на Сенатот се разликува од оној изгласан од Собранието, последниот збор ќе го имаат пратениците.

France reintroduces three-strikes law, clash with EU likely (29.04.2009)
http://arstechnica.com/tech-policy/news/2009/04/france-reintroduces-th…

EDRIgram: Three strikes law rejected by the French deputies (22.04.2009)
http://www.edri.org/edri-gram/number7.8/3-strikes-france-rejects

 

Извор: ЕДРИ-грам „Three strikes law in France – Second attempt“ бр. 7.9, 6 мај 2009.