Иако до неодамна Мајкрософт тврдеше дека прелистувачот Интернет Експлорер (ИЕ) е составен дел на оперативниот систем Виндоуз, компанијата на 11 јуни, 2009 г. соопшти дека новата верзија на оперативниот систем наменета за европскиот пазар нема да содржи ИЕ.

Оваа одлука се должи на Извештајот со приговори испратен до Мајкрософт во јануари 2009 од страна на Европската комисија околу загриженоста за конкуренцијата доколку прелистувачот се испорачува заедно со оперативниот систем. Сепак, Европската комисија не е задоволна со новата одлука.

Извештајот со приговори е формален чекор во анти-монополските истраги на Комисијата со кој засегнатите страни се информираат на писмено за приговорите поднесени против нив. Мајкрософт одговори на овој прв чекор на 28 април, 2009 и Комисијата моментално го разгледува одговорот на Мајкрософт и сите други дополнителни докази во случајот.

Според Комисијата, со самото врзување на ИЕ со Виндоуз, Мајкрософт ја користи својата доминантна позиција на пазарот за оперативни системи со цел да ја блокира конкуренцијата на пазарот на прелистувачи. Мајкрософт веќе беше казнет од ЕУ во 2007 поради врзувањето на нивниот медија плеер во пакет со оперативниот систем Виндоуз.

Во исчекување на одлуката на Комисијата, но и со намера да ги запази датите за издавање на новата верзија на својот оперативен систем, Мајкрософт одлучи да ја понуди европската верзија без ИЕ. „Посветени сме да го направиме достапен Виндоуз 7 во Европа во исто време кога ќе биде пуштен и во остатокот од светот, но мора да се придржуваме до европскиот закон за конкуренцијата кога ќе го лансираме производот. Со оглед на тековната правна процедура, одлучивме дека наместо да го вклучуваме интернет експлорер 7 во Виндоуз 7 наменет за европскиот пазар, ќе го понудиме посебно и истиот ќе биде лесен за инсталирање од страна на компјутерските производители и корисниците. Тоа значи дека производителите на компјутери и корисниците ќе можат да инсталираат Интернет Експлорер на Виндоуз 7, или не, во зависност од нивните желби. Секако, тие ќе имаат слобода, како и денес, да инсталираат други интернет прелистувачи“ вели Заменикот генерален советник Дејв Хајнер на блог постот поставен на веб-сајтот на компанијата

Како одговор на оваа изјава, на 12 јуни, европските регулатори изјавија дека не се задоволни од одлуката на Мајкрософт бидејќи предложиле компанијата да понуди повеќе прелистувачи на својот оперативен систем за да понуди поголем избор за потрошувачите, а не како сега, без никакви опции.

Мајкрософт очигледно одлучи на малите потрошувачи да им овозможи верзија на Виндоуз којашто нема никаков интернет прелистувач. Наместо да обезбеди поголем избор, се чини дека Мајкрософт решил да обезбеди помалку“, се вели во соопштението на Комисијата.

Реакцијата може да се објасни со фактот дека Мајкрософт одлучи да продава верзија на Виндоуз без медија плеер по добивањето на казната во 2007, но успеа да ги заобиколи ограничувањата од Европската комисија продавајќи алтернативна верзија на Виндоуз која содржеше бесплатен медија плеер, која очигледно беше преферирана од корисниците.

Потенцијалното решение кое се спомнува во Извештајот со приговори на Комисијата, би било да им се овозможи на корисниците избор меѓу повеќе различни интернет прелистувачи кои ќе им бидат презентирани на корисниците во оперативниот систем Виндоуз. Со тоа, Комисијата би можела да го принуди Мајкрософт да вклучи и други интернет прелистувачи во својот оперативен систем кои веројатно ќе им помогнат на прелистувачите од конкуренцијата, како што се Мозила Фајрфокс, Опера, Хром на Гугл, или Сафари на Епл.

EU unconvinced by Microsoft Internet browser offer (12.06.2009)
http://www.euractiv.com/en/infosociety/eu-unconvinced-microsoft-intern…

Antitrust: Commission statement on Microsoft Internet Explorer announcement (12.06.2009)
http://europa.eu/rapid/pressReleasesAction.do?reference=MEMO/09/272&am…

Working to Fulfill our Legal Obligations in Europe for Windows 7 (11.06.2009)
http://microsoftontheissues.com/cs/blogs/mscorp/archive/2009/06/11/wor…

Brussels threatens Microsoft with fresh fine (19.01.2009)
http://www.euractiv.com/en/infosociety/brussels-threatens-microsoft-fr…

Извор: ЕДРИ-грам „Windows 7 is launched without IE, but the Commission is not pleased“ 17 јуни, 2009.