Според студијата на полициски статистики објавена на 26 јануари 2011 година од германската Сојузна агенција за борба против криминалот, задржувањето на телекомуникациските податоци е неефикасно за кривичното гонење на сторители на тешки кривични дела.

Една анализа на статистиката на Сојузната агенција за борба против криминалот објавена на 27 јануари, 2011 година од страна на германската невладина организација за граѓански слободи AK Vorrat открива дека задржувањето на податоци, додека се спроведуваше, не го направи поефикасно кривичното гонење на сторителите на тежок криминал.

Откако задржувањето на податоци почна да се применува, полицијата регистрираше повеќе тешки кривични дела (2009: 1.422.968) од порано (2007: 1.359.102), а помал дел од случаите се расветлени (2009: 76,3%), отколку пред воведувањето на сèопштото задржување на комуникациски податоци (2007: 77,6%).

Исто така, откако дополнителното задржување на податоците од интернет започна во 2009 година, бројот на регистрирани прекршоци на интернет се зголеми од 167.451 во 2008 на 206.909 во 2009 година, додека стапката на расветлени случаи за прекршоци на интернет падна од 79,8% во 2008 на 75,7 % во 2009г.

Според AK Vorrat, избегнувањето што го применуваат корисниците може да ги објасни контрапродуктивните ефекти од сèопштото задржување на податоци при криминалната истрага. Со цел да се избегне снимањето на чувствителни информации во рамки на шемата за сèопшто задржување на податоци, корисниците почнуваат да користат интернет кафулиња, точки за безжичен интернет пристап, сервиси за анонимизација, јавни телефони, нерегистрирани мобилни телефонски картички, не-електронски комуникациски канали и слично.

Со овој начин на избегнување не само што задржаните податоци стануваат безначајни, туку им се наштетува на истражните техники кои инаку би им биле на располагање на полициските органи. Генерално, масовното задржување на податоци може да биде контрапродуктивно за кривичните истраги, некои од истрагите може да ги олесни, но многу повеќе од истрагите може да ги направи залудни.

 

Извор: ЕДРИ-грам „German study finds the data retention ineffective“ бр. 9.3, 9 февруари ,2011.