Заедницата од програмери кои работат на Delving – алатки базирани на слободен софтвер прилагодени за зачувување, прикажување и збогатување на податоците на институциите за културно наследство, разменува модели за генерирање приходи, соработувајќи со сè поголем број музеи и библиотеки.

Delving ја олеснува соработката на музеите и архивите, соединувајќи ги нивните колекции на интернет и обезбедувајќи едно место за пребарување. Некои од овие проекти стануваат комерцијално остварливи и ги спроведуваат членовите на заедницата.

По само две години откако софтверот првпат беше ставен на располагање, многу музеи и организации за културно наследство во Норвешка, Шведска и Холандија го користат Delving. „Им олеснуваме на институциите за културно наследство да ги добијат бараните податоци преку интернет“, вели Сјорд Сибинга, еден од основачите на истоимената фирма за развој на софтверски решенија. Во 2010 година, тој и тројца други ја напуштија работата во Europeana и започнаа да го развиваат кодот на таа платформа за пребарување содржини од областа на културата.

„За многу проекти е потребна слична софтверска функционалност, но едноставно не можат да си дозволат да ја развијат. Институциите добиваат одредено финансирање од владата за да обезбедат некоја услуга, но речиси никогаш не добиваат буџет за одржување на тие услуги откако ќе се создадат. Нашиот пристап е различен. Користејќи Delving, институтите придонесуваат малку за вкупниот буџет, а сепак сите корисници имаат корист од софтверот и услугите што се добиваат“.

Компанијата нуди услуги за развој на софтвер, хостинг-услуги, техничка експертиза и може да се ангажира за одржување обуки. Меѓу клиентите на компанијата спаѓаат владите и регионалните власти кои сакаат да комбинираат туристички информации и други регионални културни ресурси во еден интерфејс за пребарување. Компанијата работи и за мали архиви, музеи и библиотеки и нејзиниот софтвер е прифатен од голем број здруженија на историчари. „Тоа се групи од ентузијасти кои имаат свои метаподатоци во едноставни бази на податоци или како текстуални датотеки и кои сакаат подетално да ја дигитализираат нивната збирка податоци. На пример, на една групна фотографија треба да се прикажуваат имињата и другите податоци за секое лице на фотографијата“.

Siebinga го претстави Delving минатата недела во средата, на состанокот организиран од Joinup со цел соединување повеќе проекти базирани на слободен софтвер, а наменети за музеи и библиотеки. На средбата на интернет учествуваа и програмери од Kramerius, специјализиран систем за управување со содржини базиран на слободен софтвер кој помага во зачувувањето на историски документи и нивното поставување на интернет, како и корисниците на Koha, добро познат библиотечен систем базиран на слободен софтвер.

Извор: Joinup.eu „Open source community on cultural heritage software is sharing business models“ 21 март, 2013.