Вонредната владина уредба со која се воведуваат биометриски пасоши во Романија останува во сила откако Законодавно-правната комисија на Сенатот ја поддржа на 3 март 2009, а Романскиот апелационен суд на 18 февруари ја отфрли жалбата од неколку НВОи со барање за укинување на уредбата.
По жестоките дебати и изразената загриженост, на 28 февруари, 2009 г., романскиот сенат повторно ја поднесе Уредбата до Законодавно-правната комисија,. Освен жешката дебата за „ѓаволскиот број 666“ кој наводно се појавува во чипот на пасошите, дискусијата на Сенатот исто така го опфати и отсуството на соодветен безбедносен систем за податоците кои се чуваат на биометриските пасоши.
„Доколку хакер со лаптоп помине покрај Вас и ја фати фреквенцијата на чипот од Вашиот пасош, тој може за неколку часа, да Ве претвори од лице без криминално досие, на пример, во дилер на дрога или оружје“, изјави Џорџан Поп, заменик во комисијата за одбрана.
Уредбата беше жестоко оспорена, а противниците аргументираа дека со неа се прекршуваат правата гарантирани со Уставот на Романија, правото на приватен живот и правото на верско определување. Исто така се изнесоа аргументи дека Владата не го објавила актот јавно, со намера да им се излезе во пресрет на барањата на ЕУ без да се земе предвид мислењето на јавноста.
Голема дебата имаше и околу религиозниот аспект. Адвокат во случајот покренат од невладини организации изјави дека „воведувањето на чипови во пасошите влијае на правото на религија бидејќи го менува името дадено од Господ во бројка“ а самата процедура влијае на човековата слобода од надзор и контролни мерки.
Неодамна, Светиот Синод, највисокиот одбор на романската православна црква се сложи за воведувањето на биометриските пасоши, но побара имплементација на алтернативен пасош за оние кои не сакаат да имаат биометриски пасоши со чипови.
„Бидејќи некои луѓе не сакаат биометриски пасош, ќе се интервенира до институциите на Романската држава (Претседателство, Парламент, Влада) со барање да се усвојат потребните мерки за измена и комплетирање на законодавството кое е во сила преку проширување на одредбите за итните случаи (привремен пасош) и за случаите кога, поради свест или религиозни причини, лицето не сака електронски пасош со биометриски податоци“, се вели во соопштението за печат на Романската патријаршија.
Шефот на главното одделение за пасоши, Аурел-Васил Сим изјави дека бројката 666 не се појавувала никаде и дека пасошите нема да бидат биометриски туку електронски, вклучувајќи два биометриски елементи: фотографија и отпечатоци. Тој исто така додаде дека овие нови пасоши нема да бидат задолжителни, со тоа што романските граѓани можат да избираат меѓу привремени пасоши валидни една година во кои не влегуваат биометриски елементи.
Од крајот на 2008, се одржаа многу протести во неколку градови во државата против воведувањето на електронските пасоши во Романија и тие продолжија дури и по поддршката за уредбата од страна на Законодавно-правната комисија на сенатот и одбивањето на жалбата на невладините организации од страна на Апелациониот суд во Букурешт. Околу 300 членови од неколку НВОи протестираа на 7 март пред Романската патријаршија. Учесниците изјавија дека мерката значела дека сите Романци се сметаат за потенцијални криминалци и дека тоа бил напад на нивниот идентитет.
Тие исто така протестираа поради тоа што православната црква нема цврст став во однос на ова прашање.
Романија е една од првите земји кои воведоа биометриски пасоши во кои се вклучени отпечатоци, додека во земјите на ЕУ стратегијата за заштита на личните податоци во овој поглед е сè уште нејасна.
EDRIgram: Romania: Protests against biometric passports (11.02.2009)
http://www.edri.org/edri-gram/number7.3/romania-biometric-passports-pr…
Извор: ЕДРИ-грам „Biometric passports law – upheld by the Romanian authorities” бр. 7.5, 11 март, 2009.



