Италијанскиот парламент ја продолжи дискусијата за силно критикуваниот нацрт-закон на владата со кој би се ограничило објавувањето на материјали од прислушувани телефонски разговори во медиумите, истовремено принудувајќи ги веб-сајтовите автоматски да објавуваат исправки по поднесено барање.

Но, на 12 октомври, 2011 г. одлуката за конечниот текст се одложи, откако ставот 29 се измени за да не важи за блоговите. Сенатот го одобри нацрт-законот во јуни 2011 г., но го одложи поради силните критики од граѓанското општество. Сепак, премиерот Силвио Берлускони кој би имал директна полза од законот, успеа да го вметне нацрт-законот во дневниот ред на Комората на пратеници неколку дена откако беше одобрен од страна на Законодавниот комитет на 5 октомври, со многу мали промени.

„Нема некаква разлика со најновите измени“ соопшти Репортери без граници додавајќи: „Ограничувањето на објавувањето на прислушувани телефонски разговори во медиумите до овој степен сериозно би го попречило истражувачкото новинарство. Ова ги има сите обележја на сурово и нечесно средство за замолчување на медиумите. Исто така има и јасна политичка димензија. Владата се обидува да ги прикрие секс-скандалите на премиерот, од кои голем дел беа откриени со објавување на телефонски стенограми“.

Законот вели дека медиумите може да објават стенограм од телефонско прислушување само ако судиите или адвокатите сметаат дека „не е од суштинско значење за докажување на вината или невиноста“ на лицето под истрага. Објавувањето на какви било „несоодветни“ материјали од телефонско прислушување би се казнувало со затворска казна од 6 месеци до 3 години или парична казна од 10.000 евра за новинар и до 300.000 евра за уредник.

Голем број новинари и блогери протестираа против законот на 5 октомври во Рим. Во периодот од 5 до 7 октомври, Википедија го блокираше пристапот до сите написи во својата верзија на италијански јазик во знак на протест против нацрт-законот. „Обврската на нашиот сајт да ги објавиме корекциите предвидени со законот, дури и без право да се дискутираа и потврди барањето, е неприфатливо ограничување на слободата и независноста на Википедија“.

„Википедија Италија штрајкува против предложениот идиотски закон“ изјави Џими Вејлс, ко-основачот на Википедија, според кого иако Италија веќе има многу солидни закони против клевета, предложениот нацрт-закон „драстично ги преминува границите. Никогаш не сум слушнал за некој сличен закон на друго место во светот“.

Нацрт-законот сега во целост е одложен до ноември.

Извор: ЕДРИ-грам „Berlusconi’s wiretapping law threatens online publishers“ бр. 9.20, 19 октомври 2011.