Компанијата Интел објави дека неколку производители на компјутери започнале со продажба на компјутери и работни станици базирани на првата интелова платформа со две јадра

        Компанијата Интел (Intel) објави дека неколку производители на компјутери, Елијнвеар (Alienware), Дел (Dell) и Велосити Микро (Velocity Micro), започнале со продажба на компјутери и работни станици базирани на првата интелова платформа со две јадра. Компјутерите базирани на процесорите со две јадра наменети се, пред сè, за понапредните корисници и за љубителите на мултимедијалните содржини.

        Првата интелова платформа на процесори со две јадра се состои од процесорот Интел Пентиум Екстрим Едишн 840 (Intel Pentium Extreme Edition 840) со работен такт од 3,2 гигахерци, кеш меморија од 2 мегабајти и чипсет Интел 955Х Експрес (Intel 955X Express). Моментално Интел работи на повеќе од петнаесет проекти поврзани со процесорите со повеќе јадра наменети за лаптопи. десктоп компјутери и сервери. Во ова тромесечие компанијата ќе ја претстави и платформата за широка употреба која е базирана на прицесорот Интел Пентиум Д (Intel Pentium D) со две јадра и ќе ја користат водечките произведувачи на компјутери.