Продолжувајќи ја својата забрана на сервисот YouTube на Google и други сервиси, Турција привлекува сè повеќе критики.
Откако и турскиот претседател Абдула Ѓул самиот зазема став против сопствената влада по ова прашање, сега е ред на ОБСЕ да реагира.
На 22 јуни 2010 година, Дуња Мијатовиќ, Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, побара од турските власти да го вратат пристапот до сервисот YouTube на компанијата Google, како и до други сервиси и да го променат критикуваниот Закон бр. 5651 (таканаречениот Закон за интернет) со цел да го усогласат со меѓународните стандарди за слобода на изразување. „Барам од турските власти да ги повлечат одредбите за блокирање со кои се спречува граѓаните да бидат дел од денешното глобално информатичко општество. Исто така барам да ја спроведат навистина неопходната реформа на Законот бр. 5651“, изјави Мијатовиќ.
Претставникот на ОБСЕ испрати писмо до турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, изразувајќи загриженост поради новите одлуки за блокирање донесени на почетокот на јуни, кога забраната беше проширена и на други Google сервиси, како што се Google Translate или Google Docs.
Турскиот министер за комуникации Бинали Јилдирим тврдеше дека причината за забрана на сервисите на Google е поврзана со даночните спорови и го обвини Google дека го прекршува турскиот закон и не соработува со турските власти. Но, дури ни Законот за интернет полн со пропусти не вклучува даночни спорови како причини за блокирање на веб-сајтови, како што беше истакнато од страна на Мијатовиќ којашто додаде: „Мојата организација инсистираше за итна реформа на Законот бр. 5651, поради тоа што значително ја ограничува слободата на изразување и драстично го ограничува правото на граѓаните на пристап до информации“.
Од друга страна, Google е уверен дека работи во согласност со даночните прописи на секоја земја во којашто работи. „Ние во моментот разговараме со турските власти околу ова прашање, и сме убедени дека работиме во согласност со турските закони. Ние ја пријавуваме добивката во Турција, соодветно на нашите активности во Турција“, стои во соопштението на Google.
Стотици интернет корисници потпишаа петиција со која ја осудуваат забраната како закана за „слободниот говор и правото на пристап до информации“ и повикуваат на оставка на Бинали Јилдирим. Три групи за информатичка технологија ја оспоруваат забраната во судовите.
Ричард Хауит, британски член на Европскиот парламент и поборник за членство на Турција во Европската унија ја предупреди Турција дека забраната ја става земјата „во ист кош со Иран, Северна Кореја и Виетнам, најлошите прекршители во светот во однос на интернет цензурата“, а земјата не може да очекува да се смета за сериозен кандидат за ЕУ, сè додека продолжува да го цензурира интернетот.
На 18 јуни 2010 година, во знак на протест против одлуката донесена од страна на турската влада, група хакери координираше 10-часовен DoS напад врз веб-сајтовите на Министерството за транспорт, Агенцијата за информатички и комуникациски технологии и Претседателството за телекомуникации, односно органите кои беа директно вклучени во воведувањето на забраната.
Turkey tightens Internet control in YouTube feud (26.06.2010)
OSCE calls on Turkey to stop blocking YouTube (22.06.2010)
Access Denied to Turkish Censorship Authorities’ websites (18.06.2010)
EDRi-gram: Turkey extends the censorship of YouTube (16.06.2010)
Извор: ЕДРИ-грам “Increased pressure on Turkey to stop Internet blocking” бр. 8.13, 30 јуни, 2010.



