Мени

Фронт за слобода на изразување реагира на изјавите на Министерот за информатичко општество

Злонамерно уривање на угледот на граѓанското општество

Фронтот за слобода на изразување нема намера да влегува во дебата онаму каде што очигледно нема волја за такво нешто. Сепак, ја користиме оваа прилика да истакнеме дека од интервјуто на Министерот за информатичко општество за Утрински весник (1.9.2013) се гледаат сериозни недостатоци на познавање на поимот граѓанско општество.

Воедно, грубо се етикетираат и се обвинуваат невладините организации во земјата дека се намерно негативни во поглед на медиумските закони, со цел да се стекнат со финансии. Тоа е во потполност неточно и го доживуваме како злонамерно уривање на угледот на граѓанското општество. Како министер за информатичко општество, ваквото однесување непријатно изненадува, како што изненадува фактот на непознавање на граѓанското општество во Република Македонија. Обидувајќи се да останеме позитивни и конструктивни, ова ќе го припишеме на незнаење, а не на ароганција и деструктивна политичка ориентација.

Го уверуваме Министерот дека како организации, сакаме, можеме и постоиме за да дадеме позитивен, конструктивен и компетентен придонес за подобрување на состојбите во доменот на човековите права, демократијата, владеењето на правото, а со самото тоа и на правото на слобода на изразување. Тоа е област каде што токму споменатите закони се деструктивни, назадни и сосема непотребни.

Министерот би можел да земе предвид дека е по малку и здодевно постојано да поаѓаме од мртва точка и да се занимаваме со теми и проблеми од кои страдаат недемократски земји. Нашите колешки и колеги од регионот веќе отидоа многу понапред, а за назадувањето, секако, ние како граѓански сектор, немаме одговорност како што ги немаме ни инструментите да ги подобриме состојбите. Тие инструменти и се на располагање на Владата, додека нашата улога е соодветна на Уставот и законот, односно имаме улога да укажуваме на неправилности и да дадеме придонес кон подобрување на актуелните политики и општествените состојби. Но само доколку има кој да нè слушне.

Фронтот за слобода на изразувањето (sloboda.kauza.mk) е широка платформа составена од поединци, организации, институции и неформални групи кои функционираат како неформална мрежа за зачувување и унапредување на основното човеково право – слободата на изразување. Фронтот го сочинуваат: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Центар за развој на медиуми (ЦРМ), Метаморфозис, фондација за интернет и општество, Цивил – Центар за слобода, Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), НВО Инфоцентар, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), Јавност – Центар за нови политики и слобода на медиуми, Јадро – Асоцијација на независна културна сцена, Здружение на граѓани Контрапункт.

Претходното соопштение на Фронтот за слобода на изразување е достапно овде.

 

Поврзани натписи