Првата награда за најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс „Никола Младенов 2025“ ja добија Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за сторијата „Кочани – нашиот морален компромис“, тимот на емисијата „КОД“, за серијалот истражувања за пожарот во дискотеката „Пулс“ и новинарката на „Фокус“, Ирена Мулачка, за сторијата за тајниот сопственик на агенцијата „Рубикон“.

Фото: Мета.мк

Втората награда ја делат тимот на БИРН Македонија за истражувањето и дата-базата за верските имоти на МПЦ-ОА и ИВЗ, и новинарите Александар Методијев и Сузана Мицева за серијалот „Јаглен на раскрсница“. Пофалници за истакнат новинарски ангажман им беа доделени на Мирослава Симоновска и Фросина Факова Серафиновиќ, Бјанка Станковиќ, Славица Филиповска Иванова и Михаил Милошевски.

Наградата се доделува како признание за исклучителната професионална посветеност, истражувачка упорност и високоразвиено чувство за јавен интерес што овие редакции и новинари го покажаа преку своите истражувања, придонесувајќи за разоткривање на причините, пропустите и одговорноста поврзани со еден од најтрагичните настани во поновата историја на земјата – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со своите истражувања тие не само што отворија суштински прашања за институционалната одговорност, незаконските постапувања и системската корупцијата, туку и  придонесоа јавноста да добие поцелосна, документирана и аргументирана слика за околностите што доведоа до трагедијата.

На годинешниот конкурс пристигнаа 42 стории обработени во 122 текстови и видеоприлози.

Генерална оценка на комисијата е дека најдобрите стории оваа година се одликуваат со темелна проверка на факти, користење разновидни извори, серијален или долгорочен истражувачки пристап, јасна структура и способност комплексните теми да се преточат во разбирливи и влијателни новинарски производи. Токму овие вредности ја потврдуваат суштинската улога на истражувачкото новинарство како коректив на институциите и како важен столб на демократското општество.