Мени

Фронт за слобода на изразувањето: Со Кежаровски во затвор заминува и слободата на изразувањето

Фронтот за слобода на изразувањето смета дека затворската казна од 4,5 години  за новинарот Томислав Кежаровски, претставува уште еден тежок удар врз слободата на изразување и слободата на медиумите во Република Македонија.

Пресудата против Кежаровски претставува закана за сите новинари кои информираат за работата на полицијата, правосудните органи, но и на сите други државни институции, во иднина, да внимаваат што и како ќе известуваат, затоа што, можат да бидат осудени со драконски казни, без разлика дали известувале вистинито и дали притоа ги штителе интересите на граѓаните.

Фронтот за слобода на изразување бара од повисоките судски инстанци, во жалбената постапка, да ја укинат оваа скандалозна пресуда и да го ослободат Кежаровски од одговорноста за непостојно дело. Колегата Кежаровски е осуден заради совесно вршење на основната новинарска задача – известување на јавноста за прашања од јавен интерес – како што е во случајов, разоткривањето на злоупотребите на институтот заштитен сведок од страна на полициските и правосудните органи.

Во спротивно, потврдената затворска казна за Кежаровски, ќе значи и затворска казна за слободата на изразувањето и слободата на медиумите во Република Македонија.

Фронтот за слобода на изразувањето (sloboda.kauza.mk) е широка платформа составена од поединци, организации, институции и неформални групи кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – зачувување и унапредување на основното човеково право – слободата на изразување во, првенствено во Република Македонија, но и секаде во светот.

Фронтот го сочинуваат следните граѓански организации: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Центар за развој на медиуми (ЦРМ), Метаморфозис, фондација за интернет и општество, Цивил – Центар за слобода, Фондација Отворено општество Македонија (ФООМ), НВО Инфоцентар, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“- Скопје, Македонски центар за европско образование (МЦЕО), Јавност – Центар за нови политики и слобода на медиуми, Јадро – Асоцијација на независна културна сцена, Здружение на граѓани Контрапункт.

Поврзани натписи