Мени

Македонија: Европската Комисија не барала вакви закони за медиуми

Соопштение за печат на Делегацијата на ЕУ во име на Европската комисија во врска со нацрт-законите за медиуми

По дебатата одржана оваа недела во Скопје во врска со нацрт-законите за медиуми и аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Европската комисија би сакала да ја разјасни нејзината улога во овој процес.

Подготовката на новата легислатива за медиуми која треба да го замени постојниот Закон за радиодифузија започна во 2011 година на иницијатива на државните власти, а не на конкретно барање на Европската комисија.

За делот од предложената легислатива кој се поклопува со правото на ЕУ (Директива на ЕУ за аудио-визуелни медиумски услуги), Европската комисија има извршено независна техничка експертиза и ја има ставено на располагање на владата во 2011, 2012 и 2013 година.

Гарантирањето на слободата на изразување и другите основни права е предуслов за приклучување на земјата кон ЕУ, но кога и како точно ќе се реформира законодавството за медиуми на една земја е прашање за државните власти и чинители.

Што се однесува до процесот, Европската комисија беше јасна од самиот почеток дека Владата треба да искористи доволно време за да осигури дека предложените закони се усогласени со европските стандарди и најдобри практики и дека консултациите со сите релевантни чинители се колку што е можно поинклузивни.

Покрај овие законски акти, претстојниот годишен извештај на Комисијата ќе опфати и други, пошироки и отворени прашања во врска со околината за медиумите во земјата.

Извор: eeas.europa.eu „Press statement of the EU Delegation on behalf of the European Commission on draft media laws“ 19 август, 2013.

 

Поврзани натписи