Мени

Одговори на често поставуваните прашања за ACTA

1. Дали ACTA бара од земјите да наметнат правила за „три предупредувања пред исклучување од интернет“?

Од земјите кои ја ратификуваат ACTA се бара да поттикнат „соработка“ кај приватните компании во спроведувањето на законот. Таквата соработка се предвидува да биде опширна, и да го опфаќа исклучувањето на крајните корисници врз основа на одлуките донесени од приватниот сектор. Ова го докажува документот на Европскиот парламент кој излезе во јавност (фуснота 6, страница 4):

„Пример за таквата политика е прекинот (во соодветни околности) на претплатите и корисничките сметки на повторните прекршители во системот или мрежата на интернет-провајдерот

2. Значи компаниите не се обврзани да наметнуваат репресивни мерки против потрошувачите?

На компаниите им се закануваат кривични санкции ако тие стекнат „индиректна“ економска корист од прекршоците и/или ако се смета дека (веројатно како резултат на непреземање репресивни мерки, на пример) „помагале и поддржувале“ еден или повеќе прекршоци. Значи, тие можат или да преземат репресивни мерки, или слободно да ги преземат овие ризици, ако така претпочитаат.

3. Но, дали ACTA е целосно во согласност со постојното право на ЕУ?

Кривичните санкции за спроведување на правата на интелектуална сопственост не се дел од правото на ЕУ – всушност, единствениот таков предлог воопшто не се ни прифати. Исто така, кривичните санкции во ACTA одат уште подалеку од она што беше дискутирано во пропаднатиот предлог. На пример, Европскиот парламент бараше исклучоци за приватното копирање и „фер употребата“ за активности како што се критикување, коментар, новинарско известување, настава, стипендија или истражување. Постојат многу други точки каде усогласеноста со правото на ЕУ е сомнителна – на пример, речиси неограничените обесштетувања кои може да се наметнат според ACTA, а врз основа на малопродажната цена наместо вистинската предизвикана штета.

4. Сепак, дали е добро да се создаде „еднакво рамниште“ за спроведувањето на законите за права на интелектуална сопственост?

ACTA се стреми да извезува делови од правото на ЕУ, под необјаснета претпоставка дека тие ќе имаат исто влијание и на друго место, во сосема различни правни средини. На пример, ACTA бара опширен пренос на лични податоци на потрошувачите до сопствениците на правата и неодредено „доброволно“ контролирање од страна на сопствениците на правата. Во рамките на ЕУ, Директивата за е-приватност и општата Директива за заштита на податоците создаваат контекст кој им овозможува одреден степен на заштита за потрошувачите. Создавањето опасности без значајни заштитни мерки ја загрозува демократијата и владеењето на правото за граѓаните на нашите трговски партнери каде таквите заштитни мерки воопшто не постојат или се поограничени. Ова директно се коси со Договорот за Европската унија, со кој се бара од ЕУ да ја поддржува демократијата и владеењето на правото во нејзините меѓународни односи. Не може да прекршуваме еден закон за да наметнеме друг.

5. Барем не постои опасност онаму каде што самите си го наметнуваме законот, зар не?

Голем број од одредбите (на пр. пристап до личните податоци) во ACTA потекнуваат од Директивата за спроведување интелектуална сопственост (IPRED). Овие одредби предизвикаа сериозни проблеми во некои европски земји – како на пример во Обединетото Кралство, каде податоците се користеа за да се принудат и, според еден член на Домот на лордовите, да се „уценуваат“ потрошувачите. Откако овие одредби ќе се внесат во ACTA, Европската унија ќе биде под меѓународна правна обврска да не ги менува. Процесот на ревизија на IPRED од страна на Европската комисија е закажан да започне откако ACTA ќе се усвои од страна на Европскиот парламент – односно откако Европската унија ќе одлучи да не изврши значителни промени на IPRED пред да се оцени нејзиното влијание.

6. Во време на економска криза, сигурно е добро да се промовира економскиот раст во трговски договор?

Според независната студија за ACTA спроведена од Европскиот парламент, „не е можно да се каже во кој момент заштитата на правата на интелектуална сопственост станува контрапродуктивна“. Европската комисија одби да изврши процена на влијанието, така што не постои каква било анализа за тоа дали опширните мерки предложени во ACTA се, според зборовите во студијата, „контрапродуктивни“.

Слично на тоа, ACTA „поттикнува“ контролирање на мрежите преку посредници (интернет-провајдери, провајдери на веб-хостинг, даватели на услуги за плаќање, интернет-пребарувачи, рекламни мрежи итн.) Не е спроведена ниту една анализа за да се оцени навистина реалната опасност дека оваа активност на контролирање ќе се користи да ги држи европските компании надвор од странските пазари. Што е уште полошо, бидејќи ова се дополнителни-правни „доброволни“ мерки, би било особено тешко да се добие пресуда од Светската трговска организација во борбата против секој таков протекционизам.

7. Но воспоставувањето репер што светот ќе го следи мора да е добро?

Проблемот е во тоа што затворената, таинствена природа на преговорите за ACTA, кои намерно избегнуваа договорени и воспоставени мултилатерални форуми, создадоа репер во контрапродуктивна дипломатија. Како што студијата на Европскиот парламент вели дека „новите големи економии, Кина, Бразил и Индија се чини дека не биле официјално поканети да учествуваат“, што доведе Индија да ја застапува каузата на Помалку развиените земји во Советот TRIPS, каде што се пожали на „исклучување на повеќето земји, вклучувајќи ги и земјите во развој и помалку развиените земји“.

8. Во еден глобализиран свет, ACTA барем ќе им помогне на европските бизниси на интернет?

ACTA бара од државите потписнички да поттикнуваат спроведување на законот од страна на приватните компании. Често, компаниите ќе бидат во други земји, со различни режими за авторски права и различни степени на законска одговорност. Затоа, во секој момент компаниите на интернет ќе бидат изложени на ризик нивната услуга да биде отстранета од интернет-пребарувачите, да им бидат блокирани плаќањата од страна на давателите на услуги за плаќање, нивното име на домен (како на пр. www.edri.org) да биде отстрането од компанијата на која и платиле за да го регистрираат истото, компанијата која управува со регистарот на имиња на домени или рекламната мрежа – или да бидат блокирани од интернет-провајдерите во странство кои сакаат да ги заштитат своите бизниси од конкуренцијата.

9. Сето ова е претерување – слободата на говорот и демократијата всушност не се загрозува, или сепак се загрозува?

Еден конзервативен член на германскиот парламент ненамерно постави повеќе слики заштитени со авторски права на својот веб-сајт. Големиот број посети на страницата доведе до „комерцијални размери“ на умножување на сликите. Тој стекна „индиректна економска“ корист со тоа што не платил за сликите, а неговиот провајдер наводно „го помогнал и поддржал“ ова „прекршување“ со тоа што не преземал мерки против „прекршителот“. Дали тој или неговиот провајдер се криминалци? Одговорот е да, според ACTA. Ова е закана за слободата на говорот и демократијата.

10. Зошто државните парламенти и Европскиот парламент гласаат за ACTA – нели е веќе потпишана, па процесот би требало да е завршен?

ACTA делумно е надвор од доменот на правото на ЕУ (т.н. acquis communautaire). Делот што е надвор од доменот на правото на ЕУ (кривични санкции) треба да биде одобрен од секоја земја-членка. За делот што е во рамките на правото на ЕУ може да се одлучува и истиот да се ратификува на ниво на ЕУ. ЕУ може само да го прифати или да го одбие целиот текст – иако не постои ништо што ќе ја спречи ЕУ да постави внатрешни правила за себе околу тоа како ACTA треба да се спроведува во пракса.

Потпишувањето меѓународна спогодба не е исто со потпишувањето договор – тоа едноставно го отвора процесот на донесување одлуки во рамки на една влада.

Извор: ЕДРИ-грам „ACTA – Frequently Asked Questions“ бр. 10.2, 1 февруари, 2012.

Поврзани натписи