Мени

Програмата Horizon 2020 стартува со 15 милијарди евра за првите две години

Денес, Европската комисија за прв пат ги претстави повици за предлог-проекти во рамки на Horizon 2020, програмата на ЕУ од 80 милијарди евра за истражувања и иновации.

Финансирањето од над 15 милијарди евра во текот на првите две години има за цел да ја поттикне европската економија базирана на знаење и да се справува со прашања што ќе имаат влијание врз животите на луѓето. Опфатени се 12 области што ќе бидат во фокусот на дејствувањето во 2014 и 2015 година, вклучувајќи теми како што се персонализирана здравствена заштита, дигитална безбедност и паметни градови.

Европскиот комесар за истражување, иновации и наука Мер Геогеган – Квин изјави: „Време е сериозно да се посветиме на оваа програма. Финансирањето од Horizon 2020 е од суштинско значење за иднината на истражувањето и иновациите во Европа и ќе придонесе за раст, работни места и подобар квалитет на животот. Ја дизајниравме програмата Horizon 2020 за да генерираме резултати и ја намаливме бирократијата за да овозможиме полесно учество. Ги повикувам истражувачите, универзитетите, компаниите, како и малите и средни претпријатија и другите субјекти да се пријават!“

За прв пат, Комисијата укажа кои се приоритетите за финансирање во двете години, обезбедувајќи им на истражувачите и компаниите најголема сигурност досега околу насоката на политиката за истражување на ЕУ. Поголемиот број повици од буџетот за 2014 година се веќе отворени за поднесоци од денес, а ќе следуваат и други во текот на годината. Само повиците во буџетот за 2014 година се во вредност од околу 7,8 милијарди евра, а финансирањето се фокусира на трите клучни столбови на Horizon 2020:

Одличнa наука: околу 3 милијарди евра, вклучувајќи 1,7 милијарди евра за грантови од Европскиот совет за истражување за врвни научници и 800 милиони евра за стипендиите Марија Склодовска – Кири за млади истражувачи.

Индустриско лидерство: 1,8 милијарди евра за поддршка на европското индустриско лидерство во области како што се ИКТ, нанотехнологии, напредно производство, роботика, биотехнологии и вселена.

Општествени предизвици: 2,8 милијарди за иновациски проекти насочени кон седумте општествени предизвици на Horizon 2020, а во поширока смисла: здравство; земјоделство, поморство и биоекономија; енергија; транспорт; климатска акција, животна средина, ефикасност на ресурсите и суровини; рефлективни општества и безбедност.

Извор: Europe’s Information Society „Horizon 2020 launched with €15 billion over first two years“ 11 декември, 2013.

 

Поврзани натписи