Мени

Се одржа тркалезна маса „Образовен софтвер за инклузивно образование“

На 28 мај 2013, со почеток во 11 часот, во хотелот „Континентал“ во Скопје, се одржа тркалезна маса на тема „Образовен софтвер за инклузивно образование“, во организација на здружението „Отворете ги прозорците“, како дел од проектот „Локализација на образовен софтвер за лицата со попреченост во Македонија“, спроведуван од „Отворете ги прозорците“, австриската организација Лајфтул и финансиран од Диакони Австрија.

Целта на овој настан, на кој присуствуваше и претставник од Метаморфозис, е да се зајакне свеста за можностите што ги нуди примената на образовен софтвер за зголемување на образовните можности на децата и младите со попреченост. За време на настанот, присутните имаа можност да разменат искуства и позитивни практики во поглед на примената и развојот на образовен софтвер.

Тркалезната маса започна со излагањето на г-ѓа Џоана Кинбергер од Диакони Австрија, која зборуваше за поддршката на оваа организација за локализација на образовен софтвер на македонски и на албански јазик.

Потоа, г-ѓа ЛиАна Мар, која е програмски директор на УСАИД Македонија, ја истакна поддршката на УСАИД за модерно и инклузивно образование во Македонија, пред се преку локализација на образовни апликации и обука на наставници за примена на компјутерите во наставата.

На оваа презентација се надоврзаа и г-н Давид Хофер, директор на Лајфтул, и г-ѓа Ирмгард Стајнингер, кои зборуваа за примената на едукативниот софтвер во работата со ученици со и без попреченост во Австрија. Тие додадоа дека целта на овој едукативен софтвер е да се подобрат способностите на учениците за читање, пишување и сметање, но и да се оспособат наставниците. Дополнително, ги презентираа резултатите од истражувањето спроведено со помош на 33 наставници од посебни училишта во Австрија, а генералниот заклучок од ова истражување е дека, децата со попреченост имаат најголеми придобивки од употребата на софтвер за лица со посебни потреби, но придобивките се видливи и кај децата без хендикеп.

Иван Чорбев, кој е доцент при Факултетот за инжинерски науки и компјутерски инжинеринг (ФИНКИ), зборуваше за развојот на образовен софтвер во Македонија, што е направено досега, на што се работи, искуствата и можностите.

Како затворање на оваа прва сесија, г-ѓа Олга Самарџиќ Јанкова од „Отворете ги прозорците“ зборуваше за искуствата со локализација и примена на едукативниот софтвер GCopris  во работата со ученици со посебни образовни потреби.

По кратката пауза, Радмила Стојковска Алексова, од „Отворете ги прозорците“, ги презентираше локализираните апликации на Лајфтул на македонски и на албански јазик: Покажи ми (Show Me) и За броевите (About Numbers). Игрите нудат широки можности за примена во наставата, особено во работата со ученици со посебни образовни потреби, бидејќи овозможуваат развивање на математичките вештини преку совладување на основните математички поими и операции, како и збогатување на вокабуларот и подобрување на писменоста преку поврзување на зборови со слики. Игрите нудат можност за креирање на индивидуален профил на секој ученик, а на крајот се добиваат податоци во вид на диплома за нивото кое го достигнал ученикот и времето кое му било потребно да ја заврши играта.

Целта на проектот „Локализација на образовен софтвер за лицата со попреченост во Македонија“е да зајакне активното учество на децата и младите со попреченост во образованието преку обезбедување и промовирање на примената на соодветен образовен софтвер во наставата.

Поврзани натписи