Мени

Генералното собрание на ОН ја усвои нацрт-резолуцијата „Право на приватност во дигиталното доба“

Третиот комитет на Генералното собрание на ОН одобри 18 нацрт-резолуции, меѓу кои и резолуцијата „Правото на приватност во дигиталното доба“.

„Со оваа резолуција, Генералното собрание за првпат востановува дека човековите права треба да надвладеат без оглед на медиумот и затоа треба да бидат заштитени и на интернет и надвор од него“, изјави претставникот на Бразил, пренесувајќи ја изјавата на неговиот претседател дадена при отворањето на 68-та седница.

Комесарот на ОН за човекови права Нави Пилај рече дека иако „модерната комуникациска технологија обезбедува моќна алатка за демократија… таа придонесува и за стеснување на границите меѓу јавната и приватната сфера“.

Амбасадорот од Германија, д-р Ханс Шумахер рече: „Секој човек има право на „приватна сфера“, без мешање или надзор од страна на државата или други чинители“.

Шумахер ја повика меѓународната заедница, а особено Советот за човекови права „да ги урамнотежат легитимната загриженост за безбедноста и основното човеково право на приватност во дигиталното доба“.

Според нацрт-резолуцијата што беше одобрена без гласање, Генералното собрание ќе ги повика земјите-членки да ги преиспитаат нивните процедури, практики и законодавство за следењето и пресретнувањето на комуникациите, како и за собирањето лични податоци и масовниот надзор, со цел да се заштити правото на приватност преку целосно и ефикасно спроведување на сите релевантни обврски според меѓународното право за човекови права.

По усвојувањето на резолуцијата, некои делегати ја нагласија потребата за договорени меѓународни механизми за човекови права со цел обезбедување на приватноста и слободата на изразување. Некои од делегатите изразија жалење поради тоа што таквите механизми не се конкретно спомнати во нацрт-резолуцијата, додека други го поздравија консензусот како јасна меѓународна реакција на активностите за електронски надзор спроведувани од САД и на национално и на меѓународно ниво.

Резолуција „Правото на приватност во дигиталното доба“

Извори: 

 

Поврзани натписи