Мени

Твитер ќе применува геолокациска цензура

На 21 јануари 2012 г., на својот официјален блог, Твитер а соопшти својата намера да воведе геолокациска цензура, што значи дека одредени твитови ќе бидат цензурирани во некои земји врз основа на различни критериуми согласно правната рамка на соодветните земји.


Иако пред една година Твитер со својата порака „Сите твитови мора да се пренесуваат“ се изјасни во корист на слободното изразување и се покажа како многу корисен инструмент за револуциите во арапскиот свет, поддржувајќи го координирањето на масовните протести во Египет и заобиколувајќи ја владината цензура во Сирија, а сега одлучи да ја промени својата политика.

Твитер ја правда својата одлука со „различните перцепции за контурите на слободата на изразување" во различни земји. „Некои од нив толку многу се разликуваат од нашите идеи, што ние не ќе може да постоиме таму. Другите се слични, но, од историски или културни причини, ограничуваат одредени видови на содржини, како што се Франција или Германија, кои забрануваат про-нацистички содржини“.

Одлуката на Твитер веднаш наиде на критики кај твитерџиите и активистите за слобода на говорот. Голем број од корисниците на Твитер објавија дека ќе го бојкотираат на 28 јануари. Репортери без граници ја изрази својата загриженост во писмото испратено до Џек Дорси, извршниот директор на Твитер, барајќи да ја преиспита оваа одлука со која се загрозува слободата на изразување.

Твитер аргументираше дека ќе го примени системот за гео-означување според системот „од случај до случај“, кога влади или организации се жалат на поединечни твитови. Исто така соопшти дека процесот ќе биде транспарентен и барањата на владите за отстранување ќе се објавуваат на веб-локацијата Chilling Effects.

Членот на ЕДРИ, EFF (Electronic Frontier Foundation), еден од партнерите во проектот Chilling Effects го поддржува Твитер во неговото тврдење дека вкупниот ефект од одлуката ќе биде всушност помалку цензура наместо повеќе цензура, бидејќи компанијата веќе има отстранувано содржини, но на барање на сите корисници. Таа и ги советуваше корисниците за тоа како да го заобиколат блокирањето. Кога некоја порака ќе биде блокирана „тој твит нема едноставно да исчезне туку ќе има порака која ќе ве информира дека е отстранета некоја содржина поради вашата географска локација. За среќа, вашата географска локација може лесно да ја промените на интернет. Може да користите посредник или излезен Tor јазол кој се наоѓа во друга земја. Read Write Web исто така сугерира дека може цензурата за поединечна земја може да се заобиколи со едноставно менување на земјата наведена во вашиот профил“.

Репортери без граници го смета за нејасно објаснувањето на Твитер дека ако добие „валидно барање од овластен орган“, може да одговори со спречување на пристапот до одредени содржини во определена земја, истовремено известувајќи го авторот на содржината. Според мислењето на организацијата, со ова може да се остави простор за злоупотреба.

„Дали ќе дејствувате врз основа на судска одлука? Или, како што е случајот со Кина, дали ќе биде доволен само еден телефонски повик од некој владин претставник или од локална полициска станица за да се оправда спречувањето пристап до содржините? Дали ќе се ограничите на цензурирање твитови откако тие веќе биле поставени или се соочите со голем број официјални барања ќе воспоставите систем за цензура однапред, врз основа на одредени теми или клучни зборови одредени од оние што цензурираат?“ прашува Репортери без граници во своето писмо.

Една од главните грижи е што веб-локацијата повеќе нема да дејствува како поддршка за помагање на дисидентите во земјите со силна цензура, како што е Кина.

Веб-локацијата за граѓански слободи од САД, Demand Progress се пожали до Твитер: „важноста на Твитер како отворена платформа се докажа безброј пати годинава. Треба да продолжиме да се бориме и да ја овозможуваме слободата на изразување – а не да го рационализираме тоталитаризмот како легитимна „различна перцепција“.

Извор: ЕДРИ-грам „Geolocation censorship to be applied by Twitter“ бр. 10.2, 1 февруари 2012.

Поврзани натписи