Мени

Бонус издание на ЕДРи-грам

БОНУС ЕДРи-грам:

двонеделен билтен за дигитални граѓански права во Европа

Број 8.25, 22 декември 2010 г.

==================================================
Содржина
==================================================

Вовед

1. ЕДРи – Европската организација за дигитални права
2. Претставување на канцеларијата на ЕДРИ во Брисел
3. Осум години ЕДРИ-грам
4. Препорачана акција: поддржете ја ЕДРи!

За ЕДРи

==================================================
Вовед
==================================================

Ова специјално бонус издание на ЕДРИ-грам го подготвија членови на ЕДРИ и опсерватори како подарок за сите претплатници на ЕДРи и посетителите на веб-сајтот на ЕДРИ.

Изданието содржи информации за асоцијацијата Европски дигитални права (ЕДРи), нејзината канцеларија во Брисел и нејзиниот билтен. Изданието, како и секогаш, е достапно под лиценцата Криејтив комонс 3.0 Наведи извор. Исто така добивате можност за прв пат по 9 години (!!!), да испратите божиќен подарок за ЕДРи! 🙂

ЕДРи на сите свои претплатници им посакува најдобри желби за Новата година и среќни новогодишни празници!

Следното редовно издание на ЕДРИ-грам, број 9.1, ќе се објави на 12 Јануари, 2011г.

==================================================
1. ЕДРИ – Европската организација за дигитални права
==================================================

Вие сте претплатник на ЕДРИ-грам веќе некое време, но ние неодамна сфативме дека досега не сме ви овозможиле преглед за тоа кои сме и што работиме. Се разбира, можете да добиете информации на веб-сајтот, но добро е да овозможиме и посеопфатна слика.

Европски дигитални права, ЕДРи, е европска непрофитна, невладина организација за дигитални права која ја вреднува меѓународната соработка. ЕДРИ е основана во 2002г. од 10 организации (членови може да бидат само невладини организации) од 7 европски земји. Од тогаш членството на ЕДРИ постојано расте. Во моментов, во ЕДРИ членуваат 29 организации. Тие имаат седиште или канцеларии во 18 различни земји низ Европа. Исто така, 17 опсерватори се застапени во мејлинг-листите и активностите на организацијата. Кога велиме Европа, ние мислиме на територијата на Советот на Европа, а не само на земјите-членки на Европа.

ЕДРИ беше формирана бидејќи нашите активности на национално ниво повеќе не беа доволни. Присуството на европско и меѓународно ниво е потребно за граѓанското општество ако сакаме да извршиме промени.

Целите на ЕДРи се промовирање, заштита и почитување на основните човекови права и слободи во дигиталната околина. Што се подразбира под тоа? На пример: слобода на изразување, приватност и заштита на лични податоци или
пристап до знаење.

За оваа цел, ние се стремиме да набљудуваме, да известуваме и да обезбедиме едукација за ризиците за граѓанските права во областа на информатичката и комуникациската технологија. На пример, една од нашите неодамнешни алатки за подигнување на свеста е стрипот „Под надзор“, кој го подготвивме заедно со нашите меѓународни партнери во проект финансиран од Европската унија. Друг пример е нашиот двонеделен билтен ЕДРи-грам, кој тукушто ја заокружи својата 8-ма година од обезбедување на висококвалитетни известувања за дигиталните права во Европа.

Спроведуваме истражувања за политики и резултатите и ги пружаме на јавноста и на националните и меѓународни тела. Последни примери за овие истражувања се нашите придонеси за експертските групи на Европската комисија за РФИД и за Интернетот на работите, нашите одговори до Европската комисија и Советот на
Европа (СоЕ), консултациите и нашата работа како опсерватори на работните групи на Советот на Европа.

Понатаму, ЕДРи и нејзините членови се ангажираат во застапување на национално и меѓународно ниво, застапувајќи пред органи како што се Европската унија, Советот на Европа, OECD (ЕДРи беше од помош за формирањето на CSISAC и признавањето од страна на OECD, како и за составувањето на Декларацијата CS Сеул во 2008 година, чијашто поддршка е услов за членство во CSISAC), WIPO и Обединетите нации и за организирање и учество на конференции и други јавни настани.

ЕДРи исто така служи како платформа за соработка и заеднички активности и го комбинира влијанието, искуството, знаењето и истражувањето на членовите. Активностите на ЕДРи главно ги вршат претставници на членовите на ЕДРи, покрај нивните активности на национално ниво. Ние сме постојано во потрага по нови членови, невладини организации од Европа или организации што се особено активни на европско ниво, а кои работат во областа на дигиталните граѓански права и сакаат да бидат вклучени и ги споделат своите искуства.

Почнувајќи од септември 2009 г. ЕДРи го придоби Џо Мекнејми за свој координатор за застапување и успеа да отвори канцеларија во Брисел. Овој важен настан е овозможен со грант од Институтот Отворено Општество и дополнителни финансиски придонеси од членовите на ЕДРи.

По искуството од минатата година, веруваме дека е од големо значење за работата на ЕДРИ да се обезбеди постојано присуство во Брисел и редовно да се одржуваат непосредни контакти со европските институции. Не само за ЕДРи како асоцијација, туку и за секој што верува во слободата на изразувањето, владеењето на
правото, заштитата на приватноста или пристапот до знаењето. Затоа, сега е многу важно да се искористи оваа единствена можност да се изгради одржливо застапување во Брисел.

Следствено, нам ни е исто така многу важна индивидуалната поддршка, со која ни покажувате дека и вие сте заинтересирани за вашите дигитални права. Тоа би можеле да бидат пофални зборови за нашата работа, критика па дури и донација. Видете ги опциите за поддршка на ЕДРи во написот на крајот на ова издание на ЕДРи-грам.

За да имате подобра претстава, подготвивме двегодишен извештај за 2009 година
и 2010 година, во кој се вклучени некои основни финансиски податоци за последните 2 години.

Двегодишен извештај за 2009 и 2010 година

Членови на ЕДРИ и опсерватори

Стрип „Под надзор“

CSISAC – Советодавен совет на граѓанското општество за информатичко општество

(придонес од Андреас Криш – претседател на ЕДРИ)

============================================================
2. Претставување на канцеларијата на ЕДРИ во Брисел
============================================================

Канцеларијата на ЕДРИ во Брисел е главната врска меѓу асоцијацијата и политичките институции на Европската унија – Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на Европската унија. Како канцеларија што претставува 29 организации од 18 земји, таа мора да го следи развојот на законодавните и не-законодавни иницијативи во институциите и да обезбеди навремени повратни информации за своите членови и опсерватори.

ЕДРи исто така делува како важен актер на граѓанското општество за Европските институции. Само овој месец, ние учествувавме во консултацијата на Европската комисија за вон-судско исклучување на наводно нелегални веб-сајтови и консултацијата за рекламирање на интернет според однесувањето на корисниците. Ние, исто така, говоревме на состанокот организиран од комесарот Рединг во врска со разгледувањето на Директивата за заштита на податоците од 1995г. и на состанокот на платформата за приватност во Европскиот парламент.

Освен официјалните консултативни средби во институциите, ЕДРи има и тековна програма за средби со официјални претставници и парламентарци во институциите на ЕУ. Во текот на последните дванаесет месеци, се сретнавме
со неколку национални претставници кај Советот, парламентарци и претставници од сите главни политички групи во Европскиот парламент, комесарот Крос и приватните канцеларии на Комесарите Рединг и Малстром и учествувавме на состанокот на меѓународните експерти за основни човекови права, шведската влада и Специјалниот известувач на ОН за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување.

Понатаму, дел од работата на Канцеларијата на ЕДРи во Брисел е да обезбедува и писмени одговори на консултациите. Повеќе информации за ова може да најдете во извештајот на ЕДРи за последните 2 години.

Исто така, за ЕДРи е важно да ја пренесе својата порака уште пошироко во Брисел. Како резултат на тоа, ние редовно ги прифаќаме поканите да зборуваме на настани релевантни за конкретната област, како што се Форумот за телекомуникации и медиуми, академски настани како семинарот на Wikileaks во Facultés universitaires Saint-Louis.

Обемот на работа на канцеларијата на ЕДРИ во Брисел прилично ќе се зголеми во текот на наредните месеци и години благодарение на иницијативите наведени во Дигиталната агенда на ЕУ и Програмата Стокхолм. Има некои примери за претстојното законодавство од голема важност за дигиталните права кои се или наскоро ќе бидат промовирани на ниво на ЕУ:

а) Во областа на компјутерскиот криминал, ја имаме претстојната ревизија на Директивата за задржување податоци како и последните делови од Директивата за експлоатација на децата (која се користи како средство за воведување на интернет-блокирање на европско ниво). Покрај овие, постои и цела низа на „само-регулаторни“ дискусии каде што Комисијата има за цел да (и веќе успеа, во некои случаи) ги убеди интернет-провајдерите да преземат вонсудски овластувања за надгледување и казнување на сопствените корисници. Во овој контекст, Директивата за е-трговија, со која се утврдува режимот на одговорност за интернет-провајдерите во моментов е предмет на консултативна средба на Комисијата;

б) Директивата за заштита на податоците од 1995 година целосно се преформулира и неодамна усвоената Директива за е-приватност ќе се имплементира според насоките од Комисијата;

в) Во однос на интелектуалната сопственост, Директивата за спроведување на правото на интелектуална сопственост ќе биде накратко предмет на консултации, што речиси неизбежно ќе доведе до ревидирање на законската регулатива. Понатаму, контроверзните планови за Директивата за кривични санкции за прекршувањата на интелектуална сопственост повторно ќе бидат ставени на дневен ред од страна на Комисијата. Комисијата, исто така наскоро ќе подготви предлози за делата-сирачиња и друштвата за заштита на авторски права.

Канцеларијата на ЕДРИ во Брисел во моментов има едно вработено лице.

Дигитална агенда

Програма Стокхолм

(Придонес од Џо Мекнејми – Канцеларија на ЕДРи во Брисел)

==================================================
3. Осум години ЕДРи-грам
==================================================

Првиот билтен на ЕДРИ-грам беше објавен на 29 јануари, 2003 година. Тогаш говоревме за Директивата на ЕК за авторски права, за задржувањето на податоци, софтверските патенти или владината цензура на веб-сајтови во Германија.

Whistleblowers беа Личност на годината избрано од Time во декември, 2002 година. Во месец јануари, 2003 година, бројот на интернет-корисници беше околу 600 милиони. Најпопуларниот клучен збор за пребарување во 2003 година беше Kazaa. Најдобра интернет компанија таа година беше Time Warner со својот AOL и речиси сите го користеа интернет прелистувачот Internet Explorer.

Осум години подоцна, во светот веројатно има 2.000 милиони интернет корисници.
Тука е Фејсбук со 550 милиони регистрирани корисници, а неговиот сопственик неодамна беше избран за Личност на годината од страна на Time. (Претпочитан од уредникот на Time во однос на фасилитаторот на Whistleblowers рангиран на прво место од читателите на Time!). Сервисите на Гугл се насекаде и Фајрфокс е најкористен интернет-прелистувач.

Се чини дека и предизвиците за дигиталните права се зголемени во изминатите години. Задржувањето на податоци сега е задолжително за земјите-членки на ЕУ. Со Директивата ИПРЕД се зголеми наметнувањето на авторските права во дигиталниот свет. Цензурата во форма на блокирање на интернетот може да стане реалност во февруари 2011 година низ цела Европа.

Во изминатите 8 години пишувавме за сите овие стари и нови закани за дигиталните граѓански права. Опфативме вести и мислења за дигиталните граѓански права од институциите на Европската унија, меѓународни организации (Советот на Европа, WIPO, OECD, Форумот за управување со интернет) и од речиси сите европски земји. Но, немаше да успееме без Сјера Нас, кој беше иницијатор и уредник на ЕДРи-грам во првите 3 години, без Институтот отворено општество, кој постојано ја поддржува нашата работа, без сите автори кои придонесуваа со своите статии за билтенот или сите други лица кои посочуваа национални и меѓународни теми кои не треба да ги пропуштиме.

Ова е исто така потсетник за сите дека со задоволство прифаќаме статии, совети и известувања за настани за билтенот ЕДРи-грам. Се надеваме дека ќе имаме голема поддршка и во иднина.

И, се разбира, бидејќи вие сте дел од над 5.800 претплатници што го добиваат најновото издание, ова е погоден момент да ви се заблагодариме што нè читате!

ЕДРИ-грам број 1 (29.01.2003)

Целосна архива на ЕДРИ-грам (2003-2010)

Претплатете се на ЕДРИ-грам

(Придонес од Богдан Манолеа – уредник на ЕДРИ-грам)

==================================================
4. Препорачана акција: поддржете ја ЕДРи!
==================================================

Верувате во слободата на интернет? Во дигиталните граѓански права? Во човековите права на интернет?
Тогаш ни треба вашата поддршка! Не само затоа што веруваме во истите идеи, туку и затоа што сакаме активно да се промовираат и почитуваат. Погледнете како тоа го правевме во последните 2 години во нашиот извештај.

Значи, каков вид на поддршка добиваме?

а) Имајќи предвид дека речиси е Божиќ, би сакале да добиеме подарок (а кој не сака подарок за Божиќ? :-))
Затоа, вашата донација е секогаш добредојдена. Голема или мала. Единствената опција на располагање е банкарски трансфер, поради заштита на приватноста. Овие пари ни требаат за да продолжи да работи нашата канцеларија во Брисел и во 2011г.

Видете http://www.edri.org/about/sponsoring

б) по некој убав збор или критика е секогаш добредојдена на board_AT_edri.org или другa адреса.

Видете http://www.edri.org/about/contact

в) Преведувајте наши статии на вашиот јазик за да може повеќе луѓе да дознаат што работиме. ЕДРи-грам веќе се преведува на германски и делумно на македонски јазик. Некои други документи (како на пример брошурата за блокирање на интернет) веќе се преведени на четири јазици. Истата може слободно да се преведува – сите текстови се достапни под лиценцата Криејтив комонс 3.0 Наведи извор.

Видете http://www.edri.org/edrigram/translations или
http://www.edri.org/internet-blocking-brochure

г) Пренесете му на пријател за ЕДРи, информирајте го за бесплатната претплата за ЕДРи-грам или само препратете го билтенот или некои статии од него.
Видете http://www.edri.org/edrigram/subscribe

д) Станете доброволец! Добредојдени сте да ни помогнете во нашата работа ако имате време и желба. Кажете ни во што сте добри и како можете да помогнете и ќе најдеме начин како да соработуваме.

Видете http://www.edri.org/about/contact

ѓ) Добредојдени се и други начини на поддршка во текот на целата година (се разбира, истото важи и за горенаведените). На пример, пред неколку дена добивме име на домен – digitalrights.eu. Го прифативме со огромно задоволство. 🙂

==================================================
За ЕДРи
==================================================

Овој билтен е лиценциран под лиценцата Криејтив комонс Наведи извор 3.0. Прочитајте го целосниот текст на лиценцата

– Информации за претплата на ЕДРИ-грам

Претплатете се преку е-пошта
До: edri-news-request@edri.org
Предмет: subscribe

Ќе добиете автоматска е-порака со која ќе се побара да го потврдите барањето.
Откажување на претплатата преку е-пошта
До: edri-news-request@edri.org
Предмет: unsubscribe

– Архива на билтенот

Старите изданија се достапни на:
http://www.edri.org/edrigram

– Помош
Ве молиме пишете на <edrigram@edri.org> ако имате какви било проблеми со пријавувањето за претплата или откажувањето на претплатата.

Поврзани натписи