Мени
comingsoon

Повик на акција: Помогнете да го одбраниме отворениот интернет

Организациите Access Now и Fight for the Future (Борба за иднината) ги повикуваат граѓаните од целиот свет да се вклучат во акцијата за одбрана на отворениот интернет од заканата што ја претставуваат неколку предлози за промена во меѓународните телекомуникациски правила поднесени за разгледување на Светската конференција за меѓународни комуникации (WCIT) на Меѓународната унија за телекомуникации (ITU) што ќе се одржи во Дубаи, од 3 до 14 декември.

comingsoon

„Ние го сакаме, а претпоставуваме дека и вие го сакате интернетот. Помислете си само колку прекрасни нешта тој ни нуди: огромна комуникациска мрежа; иновативен бизнис; платформа за слободно говорење и предизвикување на моќните влади; и стотици и стотици часови видео снимки на слатки мачиња. Сето тоа го имаме затоа што интернетот е замислен како отворен и инклузивен, при што мноштво од гласови можат да го дадат своето мислење за начинот на управувањето со интернетот“, велат двете организации во повикот на акција.

Access Now и Fight for the Future велат дека предлозите, ако бидат усвоиени, ќе доведат во ситуација во која одлуките што се однесуваат на интернетот ќе се носат од агенција од стар ков, фокусирана на владите и нивните ставови, од горе надолу и зад затворени врати. Некои предлози овозможуваат поедноставно прекинување на услугите, се закана за приватноста, му даваат легитимитет на следењето и блокирањето на сообраќајот на интернет. Други предлози имаат за цел да наметна нови такси и давачки за пристап до содржините, а да не говориме за успорувањето на брзината на конекцијата.

„Секое нарушување на деликатната рамнотежа на интернет може да има сериозни последици за деловниот свет и за човековите права“, велат организациите.

Минатиот месец, Article 19 (Член 19), водечката организација за слободата на изразувањето во светот, подготви правна анализа на предложените промени во меѓународните телекомуникациски правила, што се фокусира на четири клучни прашања: Прво, прашањето на дефинициите во правилата и нивниот опфат. Второ, анализата ги преиспитува предлозите што на ITU ќе и дадат поголема контрола врз политиките што се однесуваат на содржините на интернет. Третото прашање е предлогот на организацијата на Европските оператери на телекомуникациски мрежи (ЕТНО) за новиот ценовник на интерконекциите и влијанието што може да го има врз неутралноста на мрежата. Четврто, анализата се занимава со неколку фактори што ги ублажуваат стравовите дека ITU би можела да ја превземе контролата врз интернетот.

Анализата заклучува дека правилата треба да избегнат секакво спомнување на интернет и на контролата врз содржините. Понатаму, Article 19 заклучува дека предлогот на ЕТНО ќе ја подрие неутралноста на мрежата. Што се однесува до последното клучно прашање, анализата заклучува дека „иако ITU сè уште не ја превзема контролата врз интернет, некои од предлозите не даваат место за пасивност на граѓанското општество, владите и деловните луѓе што сакаат да ги зачуват нашите слободи на интернет.

Полниот текст на анализата можете да го погледнете на линкот www.article19.org/data/files/medialibrary/3483/12-10-19-LA-itu.pdf.

Access Now и Fight for the Future додаваат дека, со оглед на фактот дека само владите имаат право на глас на WCIT, луѓето од целиот свет ќе треба да побараат од своите раководства да го зачуваат интернетот отворен.

Access Now и Fight for the Future подготвија видео што ги наведува опасностите за отворениот интернет што ги носат предложените измени на регулативата. Организациите ве повикуваат да го погледнете видеото и да се пријавите за упатства што да сторите за да побарате од вашата влада да се спротивстави на предавањето на правото на носење клучни одлуки на ITU. (Видеото е титлувано на јазиците на регионот – БХС, македонски, албански. Саканите титлови можете да ги изберете преку копчето Change Captions (CC) на прегледувачот на YouTube).

Извор: oneworldsee.org

Поврзани натписи