Мени
paket-eu-info-centar.png

Обележување на денот на безбеден интернет

По повод денот на безбеден интернет, оваа година во ЕУ Инфо Центарот беше организиран настан на кој неколку стручни излагачи ја запознаа разнородната публика со начините на кои можеме да го направиме интернетот, побезбедно место.

Настанот беше организиран како панел дискусија и беше поделен на два дела. Во првиот дел, се претставија 4 излагачи: Патрик Пакет од „Мисијата на Европската Унија“, Ирина Шумадиева од „Фондацијата Метаморфозис“, Елена Стојановска од „Дирекцијата за заштита на личните податоци“ (ДЗЛП) и Александар Токарев од ИТ компанијата „Некстсенс“, додека модератор беше Валентин Нешовски од Европската комисија.

Патрик Пакет, кој го имаше почетното излагање, истакна: „за ЕУ, многу е важно да се занимава со овие прашања колективно, бидејќи само меѓународниот одговор може успешно да се справи со опасностите“.

paket-eu-info-centar.png

Ирина Шумадиева ги претстави сознанијата произлезени од едногодишната работа на проектот „Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет“ кој беше реализиран со финансиска помош од Европската комисија. Сеопфатно беа претставени можните опасности на интернет и беа дадени совети за нивно избегнување, како и за евентуално справување со нив.

irina-eu-info-centar.png

Елена Стојановска ги објасни главните форми на злоупотреби на интернет: објавување фотографии без согласност, објавување туѓи лични податоци во огласи, крадење на идентитетот, крадење лозинки и отворање лажни профили. Покрај препораките во врска со овие злоупотреби, насочени кон корисниците, таа ги истакна и оние кои се однесуваат на провајдерите.

Последното излагање го имаше Александар Токарев кој се осврна на софтверските можности за заштита од непосакувани содржини и други несоодветни активности на децата на интернет. Покажа некои вградени опции во програмите кои ги користиме за прелистување по интернет, како и дополнителни апликации кои можат да им помогнат на родителите во насочувањето на нивните деца кон позитивни содржини и активности, со истовремена заштита од негативните.

На настанот беа поканети ученици од 4 училишта во Скопје: основното „Димитар Миладинов“,  средните: „Раде Јовчевски Корчагин“, „5та приватна гимназија“ и „Јосип Броз Тито“. Покрај ученици, случувањето го проследија наставници, директори и претставници од „Првата детска амбасада во светот Меѓаши“.

publika-eu-info-centar.png

Вториот дел од настанот, беше резервиран за прашања. Публиката беше заинтересирана дали ДЗЛП има стратегија на ниво на државата за заштита на лични податоци, дали постои техничка можност да се дознае кој ги поставува лажните профили на сајтовите за социјално вмрежување, дали и колку се безбедни електронските финансиски трансакции итн.

Одговорот на првото прашање од страна на претставникот од ДЗЛП беше дека нема стратегија на ниво на државата за заштита на лични податоци „поради брзиот развој на технологијата, но сите напори се темелат на законските рамки и прописи, кои се во согласност со нормите на ЕУ, како и почитување на принципот на техничка неутралност“. Во врска со останатите прашања беше кажано дека технички, постои можност да се лоцира компјутерот од кој е креиран некој лажен профил, но тоа подразбира долга постапка, а не го лоцира директно сторителот на делото, додека околу изведувањето на финансиски трансакции на интернет беше даден совет дека ова е безбедно да се прави на добро познати веб-сајтови.

Панел дискусијата траеше час и половина, а се одржа на 11 февруари, оваа година обележувајќи го денот на безбеден интернет по шести пат. Овој ден се слави и обележува во повеќе европски и воневропски земји.

Поврзани натписи